Безбедно се стигнува до Езерото Козјак, ама со оклопно возило (ФОТО)
Покрај одроните на патот, тука се и непополнетите дупки, поради кои возачите се приморани да возат во спротивната насока, а кривините се остри и многу е опасно и ризично да се вози на тој начин.
Одрони од карпи, дупки на патот, небезбеден коловоз, уништен асфалт, искршени или украдени банкини. Ваква е сликата што ја гледаат сите домашни и странски туристи кои одлучиле да го посетат Езерото Козјак и да уживаат во убавините што му ги дарила природата на резерватот Јасен.
Не е тешко да се забележи дека дневно, особено за време на викендите, кон Езерото Козјак се упатуваат стотици автомобили и велосипеди, но интересното е во тоа што за да стасаат до посакуваното место, луѓето треба буквално да ги одбегнуваат изронетите карпи и дупки, исто како да се дел од компјутерска игра.
Разговаравме со случајните минувачи кои ги сретнавме на ова излетничко мето, а тие велат дека во овие топли денови, освен Козјак, не постои друго место во околината на Скопје каде што има постојан ветер и убави дебели сенки. Но, исто така, ова излетничко место го вбројуваат во места со најлош и небезбеден пат.
– Секој викенд сме тука и секогаш се соочуваме со истите проблеми. Одроните од карпите не престануваат, големи камења паѓаат на коловозот, а никој ништо не презема. Самите ние неколкупати сме излегувале од возилото и сме ги тргале паднатите карпи, бидејќи било ризично да ги обиколуваме. Сепак, овде мора многу внимателно да се вози, овие кривини не се за шега. Нема прегледност од спротивната насока, а некогаш сме приморани и така да возиме. Си размислуваме, што ако некогаш падне карпа додека сме во движење? Мораат да изнајдат начин и да го обезбедат патот – вели скопјанецот Иван М.
Покрај одроните на патот, тука се и непополнетите дупки, поради кои возачите се приморани да возат во спротивната насока, а кривините се остри и многу е опасно и ризично да се вози на тој начин.
– Еве ги гледате и дупките, треба да бираме, или да ги искинеме гумите и да ги искршиме колите, или да ризикуваме и повторно да возиме во спротивната лента. Штета е вакво место да нема соодветен пат за пристигнување. Единствената работа која може да влијае негативно врз доаѓањето на посетители тука, ќе биде ужасниот пат и многу честите одрони – додава нашиот соговорник.
Од ЈП „Македонија пат“ не добивме повратен одговор зошто сè уште не е најдено решение за обезбедување на карпите и зошто не се пополнети дупките на патот кон Езерото Козјак.