ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе го тужат Џафери за обраќањето во Брисел на албански јазик: Го изложи на подбив македонскиот народ
Џафери со обраќањето на албански јазик на Комитетот во Брисел направил дипломатски сканадал и освен што ги прекршил амандманот 5 од Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик, направил и кривично дело, смета Апасиев.
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе поднесат кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери поради свесно кршење на Уставот и законите. Џафери свесно го истиснал македонскиот јазик во обраќањето на албански јазик во Европскиот парламент
ВМРО-ДПМНЕ апелира надлежните власти и владини институции да реагираат и да го осудат ваквиот чекор. Според пратеникот на Левица Димитар Апасиев, Џафери тенденциозно неколку месеци во континуитет прави свесно истиснување на употребата на македонскиот јазик, како во Собранието, така и во меѓународните односи. Апасиев вели дека Џафери со обраќањето на албански јазик на Комитетот во Брисел направил дипломатски сканадал и освен што ги прекршил амандманот 5 од Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик, направил и кривично дело.
– Тој направи и кривично дело според наша процена, тоа се кривични дела против честа и угледот од членот 178 и 179 од КЗ, а тоа е повреда на угледот на Република Македонија и излагање на подбив на македонскиот народ со намера за исмејување, односно ако ја ставиме во корелација со онаа несреќна изјава на португалската министерка за Европа тоа е еден координиран, според нас, обид за ставање во подредена позиција на македонскиот јазик, како единствен јазик за службена комуникација во дипломатските и надворешни односи – изјави Апасиев.
Тој реагираше и дека неколку месеци пратениците во Собранието материјалите ги добиваат двојазично, потенцирајќи дека тоа е спротивно на Деловникот кој предвидува само пратеник кој зборува друг јазик освен македонскиот материјалите да ги добива на два јазици.