Нема веќе плукање семки и фрлање на белиот дел од лубеницата
Речиси сите делови од лубеницата се јадливи – и белиот раб покрај кората и семките кои се вистинска ризница на здравје доколку се приготват на правилен начин. Ние ви предлагаме неколку варијанти: потпечени семки или чај од семки од лубеница и ладна супа од кора од лубеница
Иако сите уживаме во црвениот, сочен и сладок дел од лубениците и се радуваме кога ќе ни се погоди некоја со помалку семки кои обично ги фрламе, време е за промени.
Речиси сите делови од лубеницата се јадливи – и белиот раб покрај кората и семките, тие се вистинска ризница на здравје доколку се приготват на правилен начин.
Белиот дел, веднаш под кората од лубеницата е богата со корисни хранливи материи. Во овој дел од лубеницата се наоѓаат витамините Б и Ц, и цитрулин кој се претвора во аргинин, кој е многу важен за здравјето на срцето и за циркулацијата.
Белиот дел можете да го одвоите од надворешната кора, да го исечете на коцки, да ги ставите во вок и да ги приготвите во некоја мешавина од зеленчук или можете да ги киселите како што го правите тоа со краставичките за зимница. Нашиот предлог е сепак, наместо сето ова, како најдобра летна варијанта, од белиот дел од лубеницата да направите ладна супа. Рецептот побарајте го ТУКА.
Семките од лубеница пак, ги содржат сите хранливи состојки на кои можете да се сетите: протеини, здрави масти, витамини и минерали.
Истражувањата покажуваат дека овие мали црни семиња се вистински извор на здравје.
1. Ја намалуваат надуеноста
Семките од лубеница содржат влакна кои позитивно влијаат на работата на дигестивниот тракт и со тоа ја олеснуваат надуеноста.
2. Содржат калиум
Овој минерал ја регулира количината на вода во нашето тело, со што се намалува отокот на зглобовите и стапалата.
3. Обезбедуваат заштита од УВ зрачење и ја подмладуваат кожата
Семките содржат витамин Е, кој влијае на здравјето на кожата и спречува дамки и пеги. Исто така, полни се со антиоксиданти, кои го забавуваат процесот на стареење на кожата.
4. Го зајакнуваат нашиот имунитет
Благодарение на многу други минерали кои се наоѓаат во семето, како на пример, железо, ќе бидеме поздрави ако ги јадеме. Тие исто така содржат триптофан, кој учествува во производство на серотонин, а тој елемент инаку се користи во лекувањето на стрес и клиничка депресија.
5. Содржат магнезиум и цинк
Тие се важни во функционирањето на целиот организам.
Ако сега мислите дека ќе мора да ги џвакате овие цврсти црни семки, не се грижете. Од нив можете да направите чај, но можете да ги консумирате и на друг начин.
За чајот ви требаат:
4 лажички мелени семки
2 литри вода
Приготвување:
Семките се варат 15 минути во врела вода и тоа е тоа.
Освен како чај, можете да ги искористите мелените семки во сок од лубеница и да измешате сè заедно во блендер, а потоа зачинете со неколку лисја свежо нане. Можете да го пиете топло или ладно.
Фото: Unsplash