ДУИ се обои во зелено, Ахмети објави дека ќе се фокусираат на животот
Лидерот на ДУИ објави дека партијата од денеска ја прегрнува целосно новата зелена, еколошка, зелена агенда, што подразбира живот во услови по пандемијата, отворање нови работни места.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска точно напладне од Градскиот парк во Скопје ја објави веста која неколку денови претходно ја најавуваше како големо изненадување, што предизвика бројни шпекулации во јавноста.
На настанот пред Школка под мотото „За една зелена иднина“ Ахмети ја презентираше новата партиска платформа и на манифестацијата во Градскиот парк во Скопје одржа говор пред младите пред кои ги најави и новите партиски чекори.
– Денеска, на 19-от роденден на ДУИ, во согласност со Резолуциите усвоени на нашиот последен Конгрес, започнуваме нова политика, нов начин на водење политика и директно дејствување, надвор од етничките права, развојот и интеграцијата, политика за еколошка правда, квалитет на живот. ДУИ во целост ја прифаќа оваа зелена агенда како дел од Европскиот зелен договор и ја додава на
нејзините програмски столбови како еден приоритет – рече Ахмети.
Тој додаде дека зелената агенда значи квалитетен живот, работни места и развој, особено во постпандемискиот период и неговото негативно влијание врз економијата, работните места, здравјето и животот воопшто.
– По усвојувањето на нормативниот дел од Охридскиот Договор и неговото секојдневно спроведување, темелните реформи, членството во НАТО и запечатувањето на европската иднина, време е ДУИ целосно да се фокусира на квалитетот на животот, условите на секојдневниот живот, развојот, квалитетното образование и здравје, неселективната правда, дигитализацијата, социјалните политики, инфраструктурата, економијата и животната средина. Една млада девојка, Грета Тунберг, го обиколи светот со алармот за климатските промени и еколошката политика и сите и ја отворија вратата. Сега дојде време и ние да ги прифатиме овие политики, за една зелена, безбедна, развиена и здрава иднина. Ова е она што вие, младите, го барате. Младите гласно бараат услови за живот исти како и нивните врсници на Запад, работни места, модерна животна средина со чист воздух, чисти води, планини и зелени полиња, модерни патишта и железници, зелена енергија, училишта, градинки и болници со енергетска ефикасност, безбедни и современи – рече Ахмети.
Тој рече дека парите посветени на зелената агенда се инвестиција затоа што животната средина и економијата се меѓусебно поврзани, тие се инвестиција во јавното здравство, во заштитата на животната средина, во пристапот до чиста вода и воздух, во чистењето на депониите, во намалување на емисиите на гас, патишта и квалитетни железници, гасификација и зелена енергија, влијае и на квалитетот и следствено и на нашиот животен век, менталното здравје, спречувањето на катастрофи кои ќе чинат многу повеќе, често дури и со живот.
Ахмети истакна дека кршењето на зелената агенда и загадувањето на животната средина е
закана за безбедноста, како и корупцијата и организираниот криминал, така што Владата, општините институциите мора да се придружат кон тоа, за земјава да стане регионален и европски лидер во
политиката на зелената агенда.
– Затоа драги пријатели, добредојдовте во ДУИ, политичката партија на развојот и работните места преку зелената агенда, ДУИ која покрај еднаквоста, развојот и евроатлантскиот дух, се грижи и за воздухот, водите, земјата, природата како предуслови за развој и квалитетен живот. Затоа, уште од денес ви најавувам дека покрај во централната власт, зелената агенда ќе биде главна тема и на претстојните локални избори и тоа со придонес на најдобрите експерти од оваа област – рече Ахмети.
Тој ги повика граѓанските активисти да се приклучат на партиската зелена агенда со своите идеи и искуства.