Новата претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска, во првата изјава пред јавноста им порача на судиите во државата да продолжат да работат одговорно, професионално и чесно, притоа да бидат ослободени од секакви притисоци, од секакви надворешни влијанија и без страв да судат согласно законските прописи.
– Ги охрабрувам судиите кој што и досега си ја вршеа својата работа совесно и чесно, и да знаат дека секогаш во мене имаат сојузник во одбрана на нивниот професионален интегритет. Судскиот совет е тука и јас лично да ги унапредуваме, наградуваме и заштитуваме судиите кој што се професионални и одговорни. Исто така Судскиот совет е тука да ги разрешува сите судии кој што во својата работа ќе покажат дека непрофесионално, нестручно си ја извршувале својата работа – изјави Црвенковска.
Што се однесува до граѓаните, таа им вети дека составот на овој Судски совет, ќе стори се, ќе направи максимални напори да го подигне интегритетот на правосудниот систем и за еден степен барем да ја подигне довербата на граѓаните во правосудството.
– Време е да покажеме дека овој правосуден систем и со овој Судски совет можат да направат многу, и дека има знаење и капацитет во правосудството – рече Црвенковска.
Одговарајќи на новинарско прашање за можните политички влијанија таа истакна дека како претседател на Судскиот совет ќе направи се да се исклучи какво било политичко влијание и бизнис влијание, врз кој било член на Судскиот совет и да се заштити интегритетот на било кој член на Судскиот совет.
Транспарентноста на Судскиот совет, како што најави Црвенковска е прво и основно што ќе го промени и исто така најави редовни брифинзи со новинарите и комплетна отвореност со медиумите