Во Куманово, Прилеп и во Штип се вакцинирале речиси сите што биле повикани
Само 10 отсто од пријавените возрасни пациенти се откажале од вакцинација но поради коморбидитети, примаат терапија и не смеат сега да се вакцинираат.
Речиси половината од 90 прилепчани од изутринава до пладне ја примија првата доза од вакцината. За Прилеп во првата тура се обезбедени 900 вакцини. Вакцинацијата се одвива непречено во Здравствениот дом, термините се исполнети за граѓаните кои се вакцинираат над 77-годишна возраст.
Осумдесетгодишната Елена Житошанска е меѓу првите кои денеска се вакцинираа. Нема проблеми, вели и препорачува, побрзо да се вакцинираат помладите, пред постарите.
– Порано ми закажа матичниот лекар и еве, имам среќа на првиот ден да се вакцинирам. Одеше брзо, ме прашаа дали имам температура, дали примам некои лекови, а кој не прима на мојава возраст? Сѐ си кажав и убаво е. Нема никаков проблеми како што викаат. Син ми ме прашува дали ме болеше. Јас велам: не, бре, синко, ништо не ми е. Ми дадоа совет – можно е да те боли, можеби малку температура, ама да не се плашиш, во ред е. Немам гајле, им велам. Треба да се вакцинираме, а јас велам – треба прво помладите зашто ние никаде не одиме од дома. Тие може да пренесат, ама како што решиле – вели Елена Житошанска.
Кети Смилеска, директорка на градската болница со општа надлежност во Прилеп потврдува дека интересот е голем и сите што се пријавиле над 77 години, се вакцинираат.
– Вакцинацијата тече непречено, нема никакви проблеми. Според информациите што ги имам сите се добро. Денеска ќе се вакцинираат 90 граѓани, работи еден вакцинален пункт, но вакцинацијата е како за на два пункта. Кај граѓаните видлива е надежта дека ќе се вакцинираат и ќе се заштитат. Сите добро се чувствуваат, обезбедено им е да престојуваат во просториите 15-ина минути. Вакцинацијата ќе се одвива континуирано додека има дози – изјави Смилеска.
Нора Тасеска, матична лекарка и претседателка на прилепското здружение на матичните лекари вели дека интересот е голем. Само 10 отсто од пријавените возрасни пациенти се откажале од вакцинација но поради коморбидитети, примаат терапија и не смеат сега да се вакцинираат.
– Сите што изразија желба да се вакцинираат, ние ги закажавме. Интересот е голем, а откажаа само оние кои според состојбите не може да се вакцинираат. На пример, јас закажав 50 пациенти, а 10 откажаа од различни причини: акутно заболување во моментов, со тромбофлебитис каде не е препорачана вакцинација. Се анкетирани пациенти над 70 години, но во првиов момент се вакцинираат над 77 години. Како лекар на сите пациенти и сограѓани им препорачувам да се вакцинираат зашто лек друг нема. И додека комплетно не бидат вакцинирани, да ја одржуваат заштитата, маска, растојание, да нема семејни собири. И сите, ако имаат некој несакан ефект, веднаш да пријават – вели Тасеска.
Во прилепската болница речиси сите капацитети се исполнети за хоспитализација, има уште четири слободни кревети, а во петок ќе биде пуштена во употреба модуларната болница која нуди капацитет од 35 легла. Во петте ковид-оддел се хоспитализирани 120 пациенти, од кои 90 се на кислородна поддршка
И во штипскиот Здравствен дом почна вакцинацијата на населението над 77 години. Директорката на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ Снежана Трајковска вели дека најстариот пациент кој денеска успешно ја примил вакцината има 91 година.
– Пунктот го отворивме во 8 часот, без проблеми се одвива имунизацијата. Имаме и волонтери од штипскиот Црвен крст, а здравствениот тим без проблеми ги аплицира вакцините. Наместо 120 добивме 400 вакцини – вели Трајковска.
Термините до понеделник се исполнети, утринава само еден пациент не дошол на пунктот, бидејќи не се чувствувал добро. Пунктот се наоѓа на вториот кат, за оние коишто не можат да дојдат во пунктот екипата ќе се симне на долниот кат, каде што пациентот ќе ја прими вакцината и со него ќе остане 15 минути. Засега немаат насоки за граѓаните кои живеат во руралните средини или поради здравствени причини не можат да пристигнат на пунктот.
Граѓаните кои денеска ја примија вакцината се задоволни од организираноста на здравствените работници, кои до петок дневно ќе вакцинираат по 40 пациенти, а доколку има масовна имунизација дневно можат да аплицираат и по 400 вакцини.
Во вакциналниот пункт на Здравствен Дом Куманово за денеска беа пријавени 78 лица.
– Почнавме утрово од осум часот се термините, има заинтересираност, термините се на 10 минути, сите досега закажани дојдоа и примија вакцина. Термините се до вечер. Вакцинираните остануваат дваесетина минути по вакцина, ги надгледуваме и си одат дома. Како нормална реакција како и претходните вакцини, може да се јави локално, болка, црвенило, оток, покачена температура, но со минлив карактер. Препорака до граѓаните слободно да се јават кај матичните, да си земат термин и да примаат вакцина – изјави доктор Сузана Атанасовска од Здравствен дом Куманово.
Вакцинацијата преку „Мој термин“ ја закажува матичниот лекар, пациентите се евидентирани електронски, пополнуваат согласност, се издава картончето со општи податоци за пациентите, откако лекарот дозволува дека пациентот може да се вакцинира се пишува името на вакцината, производителот, датумот и часот кога е примена, се става факсимил, печат, потпис и се закажува датум и час за ревакцинација, која се спроведува после 84 дена.
Граѓаните кои денеска се вакцинираа кажаа дека со нетрпение ја очекувале вакцината и дека без двоумење ја примаат.
Лекарите и медицинските сестри претходно проследиле обука.