Мицкоски: Ќе го повикам народот да не отвора врата на попишувачите, здравјето нема реприза

Јас и илјадници, стотици граѓани нема да отвориме врата, а нека си тераат Венко, Заев и директорот на ДЗС Апостол Симовски попис па, ќе видат како ќе заврши тој попис, посочи Мицкоски. 

1,596

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека здравјето нема цена и затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе повика граѓаните да си го заштитат здравјето. Ако граѓаните се чувствуваат небезбедни да не отвораат врата. Чиста глупост е дека тие што нема да отворат врата ќе добијат кривични пријави, тоа ништо не важи и народот не треба да се плаши, изјави Мицкоски во „Што не е јасно” на Алфа телевизија вечерва

– Нека продолжат на сила да го туркаат процесот за пописот, кажувам дека опозицијата нема да биде конструктивна и влегуваме во политичка криза, па да видиме кој ќе победи. ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите, доколку одлучат насилно да продолжат со процесот – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на Алфа ТВ.






На прашање за што ќе разговараат на средбата во понеделник со Заев и дали ќе ја прифати понудата за широка коалиција, Мицкоски, рече дека на средбата оди заради тоа што народот очекува нешто да се направи за нивните проблеми, а не цело време меѓусебно да се напаѓаат.   

– Не зборувам за широка коалиција, мојот став е експертска влада што треба да ги организира следните локални избори или влада на национално единство и тоа и е потребно на државата – рече Мицкоски.  

За можноста да се разговара за предвремени избори заедно со локалните, Мицкоски рече дека ќе се разговара и дека се можни само локални избори, па од резултатите од тоа се можно три сценарија. 

Прашан дали може да побара одложување на пописот на средбата со Зоран Заев во понеделник, Мицкоски рече дека гледајќи ги нивните ставови во јавноста, не се подготвени за разговор и тоа нема да биде тема на средбата.

– За да дојде некој кај мене дома и јас да му отворам врата за да се попишам, мора тој да биде имунолошки подготвен. Ако пописот почнува на 1-ви април, тогаш тој нема да биде имунолошки подготвен. И јас вратата нема да ја отворам и не само јас, туку и стотици наши граѓани. Тогаш ние нема да добиеме правилни податоци од овој попис. Тогаш зошто трошиме пари. Зошто правиме попис ако податоците што ќе ги добиеме не се податоци кои што нас ни се потребни за да понатаму го планираме развојот на Македонија – посочи Мицкоски. 

Луѓето нема да отвораат врата за да се попишуваат. Еве јас ќе бидам тој кој нема да отвори врата,  рече Мицкоски. 

– Покрај мене и моите родители кои поминаа исто така низ еден тежок период. Ако вие не сте мудар и немате елементарно чувство за здравјето на луѓето и за човечките животи, тогаш вие не заслужувате воопшто човек да ви придава значење. Им кажавме ние, но тие не разбираат и во понеделник ќе имаме една тема помалку за разговор. Јас и илјадници, стотици граѓани нема да отвориме врата, а нека си тераат Венко, Заев и директорот на ДЗС Апостол Симовски попис па, ќе видат како ќе заврши тој попис – посочи Мицкоски. 

Според него, пописот во дијаспората не е ни за спомнување. Затоа што тоа не е ни попис. Тоа е евидентирање на дијаспората.

– Затоа не мораше вака да го прават со циркус, туку можеше од бројот на издадени државјанства да го одземат бројот на резидентното население. Но, ете решиле да си прават некаков маркетинг. Гледаме таму во една држава – членка на ЕУ како си земале пасоши и си ги внесуваат во компјутер. Тоа е една обична евиденција и ништо повеќе – дециден е Мицкоски.

Поврзани содржини