Пропагандата на СДСМ шири ЛАЖНИ ВЕСТИ: Павле Богоевски запна да ме обвини за ПОМАГАЊЕ во бегството на Мијалков, ама се посрамоти!

Како луѓето од пропагандата на СДСМ, поради силната желба да ја искористат шансата со мене уште еднаш брутално да се пресметаат и да го оспорат мојот професионален кредибилитет и углед, залетани по паметот на прилепскиот билирубин и „народногласник“ и заведени од некогашната ведета на сдсмовската пропаганда Саше Политико, аматерски ме наклеветија, а всушност си дадоа автогол.

11,073

Оваа анализа нема да ја прочитате на сајтовите на македонските факт-чекери, кај „независните“ партнери на Фејсбук, бидејќи тие не ги откриваат лажните вести што ги шири пропагандата на СДСМ. Фејсбук не знае како пропагандата на владејачката партија во Македонија ја злоупотребува оваа социјална мрежа за ширење лажни вести и говор на омраза за луѓето кои ги смета за политички противници. Без оглед на тој тажен факт, објавувам дека факт-чекерите од мене имаат дозвола слободно и без надомест да го објават овој текст. Ако сакаат, се разбира.

Од каде да почнам? Најдобро од почеток…






Немиени уши и злобна намера

Во петокот, на 5 март, гостував во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија. Домаќинот, колегата Гоце Михајловски, ми постави и неколку прашања за случајот „Таргет-Тврдина“. На прашањето дали сум имал комуникација со обвинетиот и сега првостепено осуден Сашо Мијалков, одговорив потврдно, објаснувајќи дека од него во неколку наврати ги барав и ги добивав исказите на одбраната. Некаде меѓу 30. и 35. минута на интервјуто, кажав дека доцна вечерта кога порталот Фокус ја објави веста дека Сашо Мијалков е недостапен, по телефон му испратив порака, барајќи од него да потврди дали навистина му е изречена мерката куќен притвор и дали околу неговиот дом има засилено полициско обезбедување, како што беше објавено во некои медиуми.

Тоа е тој „спорен“ момент, кој недоветните ботови на СДСМ очигледно погрешно го слушнале, или, поверојатно, сакале погрешно да го слушнат. Вие, почитувани читатели, не сте недоветни, не сте глуви и немате немиени уши, па на овој ЛИНК можете да го проследите целото интервју и самите да се уверите што е кажано.

Уште истата вечер, два опскурни лика од дувлото на пропагандата на СДСМ, на своите портали објавија две речиси идентични објави. Првата објава е на порталот Народен глас:

Втората е на порталот Мактел:

 

Кој не ми верува на збор, самиот може да се увери дека ништо од она што е кажано во двете објави не е точно!

Значи, не е точно дека сум рекол: „Имам редовна комуникација со Сашо Мијалков, дури и кога беше избеган“. Не е точно дека сум рекол: „Мислам дека е невин за прислушкувањето“. Не е точно дека сум рекол: „… Дури и кога неше избеган, ми пиша СМС порака“. Со еден збор, станува збор за комплетна лажна вест (вести), од првиот до последниот збор.

Леле Боби, па зарем по умот на Рубинчо?

Саше Политико и Рубинчо не ги сметам за достојни за да ги коментирам нивните објави. Тоа се големи лажговци, поголеми од нивниот ментор од власта. Затоа решив да ги одмолчам тие две објави. Изгледа моето игнорирање на провокацијата не било според планот на штабот и од тие причини паднала одлука принтскриновите од овие две лажни вести вирално да се рашират на Фејсбук. Дека се случува такво нешто, сфатив од пораките на мои пријатели, кои ми ги испраќаа тие две објави и зачудено ме прашуваа дали е можно да сум кажал такви работи.

Еден од поинтересните ликови кои ја пренесоа лажната вест е Боби Илиевски. Боби е познат како личен пријател на Ден Дончев. Знаете кој е и што е Ден Дончев. Можеби не знаете кај е, но за тоа – друг пат. Боби е познат е како голем поддржувач на власта на Зоран Заев. На Фејсбук Боби постирал принтскрин од објавата на Народен глас и коментирал со зборовите „Леле Геро!“. Во саботата доцна попладнето, под тој пост се огласив со коментар, го предупредив авторот дека станува збор за лажна вест и објавив линк од моето интервју на Канал 5. Дури во неделата претпладне Боби ми напиша приватна порака дека го избришал постот, а по моето објаснување дека повлекувањето не е доволно без јавно извинување, тој објави и кусо извинување.

Како Павле Богоевски го „лапна кромидот“  

Но, главниот удар стаса од поранешниот пратеник Павле Богоевски, кој сега е во Прогрес институтот за социјална демократија. Павле не треба посебно да го претставувам, а веројатно не мора да објаснувам што е институтот Прогрес. Сакам да верувам дека поради невнимание, или како што вели самиот, затоа што го „лапнал кормидот“, Павле Богоевски во саботата решил да учествува во ширењето на лажната вест. Спокојно и без нервоза, во коментар под неговиот пост на Фејсбук, му објаснив дека станува збор за лажна вест и му го испратив линкот од интервјуто самиот да се увери. Во ноќта меѓу саботата и неделата, Павле ми испрати приватна порака дека „за жал“ сум бил во право, а денеска, во посебен пост, објави и извинување. Ова е содржината на извинувањето:

„ Ајде сега малку сериозно.

На емисијата Само интервју, Героски НЕ КАЖАЛ ДЕКА ДОБИЛ СМС ОД СМ ДОДЕКА БИЛ ВО БЕГСТВО.

За жал, ова е лажна вест првично била генерирана на твитер, од каде е префрлена на фб, во кој момент и јас ‘се качувам на возот’ и ја пишувам вчерашната објава. Дури е ‘поткрепена’ со принт скринови од наводни објави на еден портал. Дури и искомуницирав со еден од тие кои објавија пред мене, кој ми потврди дека веста е вистинита.

Вакви работи не смее да се случуваат. Ширењето на лажни вести и дезинформации би требало да е карактеристика на спротивниот, а не ‘нашиот’ табор. Со ова, ние само придонесуваме кон општиот напад и деструкција на демократскиот дискурс и како држава, тоа ќе нѐ чини многу скапо.

Бидејќи ‘го лапнав кромидот’, морам да направам три работи кои воопшто не ми се по мерак:

1. Морав да го изгледам целото интервју на Героски, нешто од што првично сакав да се лишам. Во тој настап, Героски кажува многу работи кои може и треба да се критикуваат, но примањето смс порака додека СМ е во бегство не е една од нив.

2. Морам да напишам зборови кои мислев дека никогаш нема да треба да ги напишам, односно дека МУ СЕ ИЗВИНУВАМ БА БРАНКО ГЕРОСКИ за моето учество во ширењето на оваа дезинформација. До овој момент, Героски нема побарано да му се извинам, ниту ми се заканил дека ќе ме тужи – но тоа е чесната работа која треба да се направи во ваква ситуација.

3. Треба да ви се извинам вам за моето учество во ширењето на оваа лажна вест.

Уште еднаш, најостро го осудувам ширењето лажни вести и тврдам дека тоа е најголемата закана за нашата демократија. Едноставно, НЕ СМЕЕМЕ да го правиме тоа, без разлика кој е целта на таа вест.

Но, искреноста и преземањето одговорност се тоа по кое се разликуваме од нашите политички противници и немам намера да отстапам од тоа“.

За жал, по ова јавно извинување, до објавувањето на оваа анализа, Павле Богоевски не го повлече спорниот обвинувачки пост, во кој посебно се клеветнички деловите во кои тој ја надградува и ја проширува лажната вест, зголемувајќи ги така штетните последици на неговото учество во валканата операција. Павле е правник и се надевам дека може да се информира за одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета (ЗГОНК), а особено за нужноста од повлекување на клеветничките и навредливи содржини и од јавно извинување, постапки со кои не се остранува можноста да биде тужен, но се намалува нанесената штета.

Павле го обвинува Геро за „помагање“ на бегството на Мијалков

Но, да видиме што содржи таа првична објава на Павле Богоевски на Фејсбук. Ја пренесувам во целост, неедитираната верзија:

„Додека Сашо бил во бегство, му пратил смс порака на Геро. Сигурно поради општопознатата објективност, непоткупливост и непристрасност на вториов.

Шегите на страна, дали Героски ја пријавил пораката и комуникацијата со лице кое тогаш било недостапно за органите на прогонот во надлежните институции?

Вештачењето на пораката може да укаже на локацијата од која е пратена. Дали евентуалното непријавување на таквата комуникација може и треба да се смета за помагање???

Е, Геро, Геро…“

На прашањето во еден од коментарите „Па нели телефонот (Сашо Мијалков – м.з.) го имаше оставено дома и телефонот полицијата го имаше?“, Павле коментира: „Jakov Che Очигледно, од друг бр му пишал. Што значи, треба да се вештачи бројот на геро, другиот бр на сашо и сите со кој сашо комуницирал од тајниот број. Сите тие кои не ја искористиле таа комуникација за целите на прогонот или не ја пријавиле се одговорни за помагање“.

Правникот Павле Богоевски би можел да знае дека суштествен елемент на казнивите дела Навреда и Клевета е постоењето намера да се омаловажи и да се наруши чест и углед. Во постот и во коментарот на Павле, не само што постои таква намера, туку постои и многу поопасна намера, да се искриминира мојата наводна постапка, односно да бидам осомничен за „помагање“ во бегството на Мијалков. Затоа Павле „прашува“ дали сум пријавил дека сум добил таква порака од Мијалков, затоа бара мојот телефон да се вештачи, затоа инсинуира дека сум сторил кривично дело за кое треба да одговарам. И сето тоа врз основа на лажна вест што ја чувал (до овој момент се уште ја чува) објавена на својот профил, за да нанесува штети врз мојот углед, иако пред многу часови од моја страна е јавно известен дека станува збор за ноторна лага и му е овозможено самиот да се увери дека шири лажна вест.

Каков аматеризам, какво глупирање!

Со еден збор, луѓето од пропагандата на СДСМ, поради силната желба да ја искористат шансата со мене уште еднаш брутално да се пресметаат и да го оспорат мојот професионален кредибилитет и углед, залетани по паметот на прилепскиот билирубин и „народногласник“ и заведени од некогашната ведета на сдсмовската пропаганда Саше Политико, не пројавиле дури ни минимална желба да го проследат интервјуто (лесно достапно, на ФБ страницата на Канал 5 телевизија) или, евентуално, мене да ме прашаат дали тоа за што имаат намера да ме обвинат е точно.

Каков аматеризам, какво невидено глупирање!

„ До овој момент, Героски нема побарано да му се извинам, ниту ми се заканил дека ќе ме тужи“, пишува Павле Богоевски. Тоа е точно. До овој момент, така е. Но, го советувам правникот Павле да го проучи ЗГОНК, да прочита за начините како може да ги намали штетите предизвикани со неговата објава, да научи дека за него нема да важи ограничувањето на висината на оштетното побарување и да ги провери роковите за поднесување тужба. Јас не сум правник, но сум паталец и одлично го познавам законот. Точно е дека немам желба да тужам никого, но мојата конечна одлука сепак ќе зависи од постапките на тие што ме наклеветија.

Ако, пак, има некој адвокат што не се плаши од СДСМ и од нивната пропаганда, а е спремен да се впушти во една таква правна битка – во случајот со Павле Богоевски, битката е веќе добиена, има дело, има признание, има извинување, работата ќе се заврши на едно до најмногу две судски рочишта – слободно нека ми се јави, можеби ќе се договориме да дадеме и ние еден институционален придонес во борбата против лажните вести. А зошто да не?

ПС. Мобилниот телефон ми е стар, ама врши работа. Го давам доброволно за вештачење, под услов за возврат да добијам нов телефон, од последните генерации на Ајфон или Самсунг. Фер?

 

Поврзани содржини