При нагло зголемен број на новозаразени, за два дена 140-ина и со преку 70 хоспитализирани во прилепската болница, ковид пунктот и лабараторијата при прилепскиот Здравствен дом каде се бесплатните брзи тестови, имаат полни раце работа.
Тимот од 12 лаборанти, од кои по еден лабараториски аналитичар и хемичар секојдневно е со ковид-пациентите, но и со нивните стравови и психози.
Афродита Танеска, лабараториски аналитичар при лабараторијата на Здравствениот дом во Прилеп вели дека имаат доволно брзи тестови, но поразува фактот што 56 отсто од нив се позитивни. Откако се обучија за земјање брисеви за брзите тестови, од ноември пак повторно е надвиснат нов бран на заразени.
– Нашиот работен ден почнува од 8 до 11:30 часот, кога е најголемиот метеж за тестирање. Се закажува преку Мој термин, тоа го прават матичните лекари. Ние секој ден работиме по 40 тестови и секој пациент доаѓа на 5 минути. Нема чекање, нема нетрпеливост. Добро е организирано. Во моментов сме 12 лаборанти, од кои 9 лаборанти, двајца дипломирани лабараториски аналитичари и еден хемичар. Сите се обучени да земаат брисови на пунктот. Министерството за здравство ни додели 3.800 брзи теста. Започнавме на 18 ноември минатата година. Досега имаме сработено 1915 теста. Зачудувачки и загрижувачки е што резултатот е навистина стравичен. Имаме 1072 позитивни пациенти. Што значи 56 отсто се позитивни пациенти – вели Танеска.
Иако работат професионално, сепак емпатијата допира и до нив. Секој ден се соочуваат со семејни приказни, трауми, психози на пациентите. Ниту колегите не се изземени.
– Самоиницијативно работиме во две смени за да им излеземе во пресрет на прилепчани. Една сме од ретките лабаратории што работиме и Д-димери, ЦРП, ЛДХ-испитувања, крвна слика, седиметација. Поспецифични анализи се кои им помагаат на матичните лекари за да ја следат дијагностиката и да даваат правилна терапија – објаснува Танеска.
Танеска ја пренесува пораката на надежта на персоналот при лабараторијата од приелспкиот Здравствен дом.
– Да си помагаме, а така е меѓу персоналот, но и за пациентите. Само сплотени може да го победиме ова зло. Надежта не смее да се загуби- вели Афродита Танеска, лабараториски аналитичар.
Од лабараторијата велат дека чекаат повик за и тие да бидат вакцинирани.