МБА: Мерката за дивидендата превентивна во функција на натамошно јакнење на банките
На состанокот одржан вчера договорено е во наредниот период дополнително да се интензивира споделувањето податоци и информации од банките и штедилниците со Народната банка.
Мерката на Народната банка за привремено ограничување на распределбта и исплатата на дивидендата на акционерите на банките и штедилниците од членките, според Македонската банкарска асоцијација, е превентивна и во функција на натамошно јакнење на потенцијалот на банките и штедилниците за справување со последиците од ковид-кризата, во услови на се уште изразена неизвесност и потенцијални ризици.
– Едногласно беше констатирано дека како резултат на здравите фундаменти на банкарскиот систем, политиките и мерките преземени од страна на Народната банка, како и прудентното управување и работење од страна на банките и штедилниците, банкарскиот сектор во досегашниот период успешно одговори на сите предизвици од ковид-кризата и обезбеди континуитет на сигурно и стабилно работење, како и испорака на значајна кредитна поддршка спрема реалниот сектор и населението. Довербата на граѓаните и компаниите во банките и штедилниците останува на високо ниво, што се гледа и од растот на вкупните депозити, кои во јануари 2021, споредено со истиот месец минатата година, се зголемени за 6,3 отсто – наведуваат од МБА по одржаната седница на Собранието на Македонската Банкарска Асоцијација (МБА), на која беше разгледана Одлуката на Советот на Народната банка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците.
На состанокот одржан вчера договорено е во наредниот период дополнително да се интензивира споделувањето податоци и информации од банките и штедилниците со Народната банка.
Со тоа, истакнуваат, ќе се олесни навременото оценување на потенцијалните ефекти од ковид-кризата што ќе овозможи и оцена дали има можност за предвремено укинување на временото ограничување за распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците, притоа водејќи се од целта за постојано одржување на финансиската стабилност, што е во интерес на сите субјекти во економијата, вклучително и акционерите во банките и штедилниците.
Во соопштението се дорава дека на седницата уште еднаш се реафирмираше традиционално добрата комуникација и соработка помеѓу МБА и Народната банка, имајќи ја предвид заедничката цел за стабилен и сигурен банкарски сектор со потенцијал за справување со сите предизвици, како и потенцијал за силна кредитна поддршка на компаниите и населението во Република Северна Македонија.
Од Македонската банкарска асоцијација итовремено апелираат до политичките структури и сите други субјекти во земјава да се воздржат од какви било неиздржани и непроверени коментари, оценки и квалификации за состојбите во банкарскиот сектор, а особено да избегнуваат политички маркетинг на сметка на банките и штедилниците и интересите на сите нивни клиенти – граѓани и компании, како и на нивните акционери.- На тој начин, оценуваат, ќе дадат свој конструктивен придонес за одржување и унапредување на тоа што е јавно добро во секоја земја: довербата на граѓаните, компаниите и акционерите во банкарскиот систем и неговата стабилност и сигурност.
На седницата присуствуваа гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, вицегувернерите на Народната банка и и претставници на надлежните дирекции на Народната банка.
Од МБА посочуваат дека низ широка и сеопфатна дискусија, се разгледани актуелните состојби во банкарскиот систем, влијанието и предизвиците од ковид-кризата, како и аргументацијата за донесувањето на Одлуката на Советот на Народната банка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците. Гувернерката Бежоска ги презентираше согледувањата и причините за носење на споменатата Одлука од страна на Советот на Народната банка.
Советот на Народната банка на редовна седница минатата недела донесе Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците.
Како што појаснија тогаш со Одлуката којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза.
– Одлуката е од привремен карактер и ќе важи до крајот на оваа година, а Народната банка, најдоцна до 30 септември, повторно ќе ги оцени околностите со пандемијата поради кои е донесена одлуката. Во зависност од оцената, Народната банка може предвремено да го укине ограничувањето од оваа одлука – наведоа од Народната банка.
Како што беше нагласено на седницата, токму поради неизвесноста којашто сѐ уште постои, се очекува дека банките, како и досега, и натаму претпазливо ќе ги планираат своите капитални потреби и ќе му дадат приоритет на зачувувањето и на натамошното јакнење на капиталните ресурси. Ова, како што оценија, е од исклучително значење за натамошно зачувување и јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, како и за обезбедување натамошна солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите. Заради корона-кризата, вакви привремени ограничувања во однос на дивидендите се воведени и во земји од регионот и пошироко.