Арсовски до Филипче: Ни го вратила ли Кина авансот за вакцините?
Доколку е вистина дека е вратен авансот, и не само што ќе доцнат, туку ние нема да добиеме вакцини од кинеската фирма во идниот период, рече денеска Арсовски одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција.
Дали е точно дека е вратен авансот што Македонија го платила за кинеските вакцини и дека нема да ги добиеме во идниот период, праша денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
– Имам информација дека е вратен авансот кој Владата ѝ го платила на кинеската фирма, па затоа прашуваме јавно дали е вистина дека е вратен авансот за кинеските вакцини и воедно кои се причините? Доколку е вистина дека е вратен, иако нашите информации говорат дека е така, и не само што ќе доцнат, туку ние нема да добиеме вакцини од кинеската фирма во идниот период – рече денеска Арсовски одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција.
Министерот за здравство Венко Филипче, пак, денеска по отворањето на ковид центарот во Гостивар изрази уверување дека во следните неколку дена ќе може точно да каже кога ќе пристигнат кинеските и руските вакцини против ковид-19.
– Не би сакал сега да шпекулирам, сакам да бидам прецизен, тогаш кога точно ќе знаеме кога ќе пристигнат. Еве се пролонгираше малку периодот. Очекувам навистина сите овие разговори да завршат за што пократко време. Секојдневно има нови прашања од компаниите, тоа важи за сите компании. Од „Фајзер“ за којшто го очекуваме драфт договорот. Со руската компанија интензивно разговараме сега овие денови после потпишувањето на договорот и секако со кинеската – изјави денеска Филипче.