ВМРО-ДПМНЕ открива: За нов Клинички од 500 милиони евра предлагаат Закон на едвај две странички!

Предлог-законот за изградба на нов клинички центар наместо да обезбеди избор на најдобрата компанија, стимулира некаква заедница на компании. На тој начин се елиминира конкуренцијата, не се добива најдобриот понудувач, туку се стимулира можноста за фиктивни понуди, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

1,244

Предлог-законот за изградба на нов клинички центар, кој власта упорно се обидува да го помине во Собрание по скратена постапка, содржи само девет члена, а доколку би се испечатил на хартија, тогаш не би се потрошиле повеќе од два листа, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека сето тоа немало да биде толку чудно доколку најавената сума за изградба на комплексот не би изнесувала половина милијарда евра.

– Како да кренеме рака во Собранието и да го изгласаме законот за изградба на нов клинички центар, кога тој закон е составен од неколку реченици, а треба да овозможи изградба на комплекс кој би чинел 500 милиони евра? Во тој предлог-закон кој е испишан на само два листа хартија, нема наведено апсолутно никакви конкретни податоци, рокови, информации, планови, стратегија, финансиска конструкција, како и физибилити студија за тоа како би се одвивала реализацијата на проектот за изградба на новиот клинички центар. Предлог-законот наместо да обезбеди избор на најдобрата компанија за изградба на клиничкиот центар, тој стимулира некаква заедница на компании. На тој начин се елиминира конкуренцијата, не се добива најдобриот понудувач, туку се стимулира можноста за фиктивни понуди. Уште една проблематична работа е експропријацијата, односно не се решени имотно-правните односи на земјиштето каде што е планирана изградбата на здравствениот комплекс. Владата најавува дека ќе одзема приватни земјишта, а дури потоа ќе се договара со сопствениците на тие земјишта. Станува збор за многу сложен проект за кој ќе бидат потрошени половина милијарда евра, а власта до пратениците испраќа штур предлог-закон составен од само седум члена. Ова отвора сериозни сомнежи и наведува на голем криминал што власта планира да го спроведе – брифираат извори од ВМРО-ДПМНЕ.






Оттаму велат дека нивната партија веќе поднела 2.000 амандмани за да го спречи носењето на тој закон.

– Сигурно дека нема да седиме со скрстени раце, туку ќе се обидеме да го спречиме овој криминал. Ние не сме против изградбата на нов клинички центар во главниот град, но нема да дозволиме 500 милиони евра од џебот на граѓаните да се потрошат на криминален начин и во период кога македонската економија е падната на колена – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, обвинуваат дека таквиот потег на опозицијата е злонамерен и безобразен, а во исто време ги повикуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги повлечат амандманите и да го одблокираат процесот.

– Опозицијата се противи на изградба на нов модерен клинички центар што Скопје и државата ќе го добијат за првпат по цели 80 години, и кој ќе обезбеди квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита, како и високи услови за работа на медицинскиот персонал. Но, сè што прави опозицијата е против здравствениот систем и јавното здравје. Сепак, ние како парламентарно мнозинство нема да дозволиме овие блокади да ја спречат изградбата – велат од СДСМ.

За амандманите од опозицијата реагираше и министерот за здравство, Венко Филипче, кој посочи дека од самиот почеток постапката за изградбата на клиничкиот центар била отворена и транспарентна.

– Во Собранието имавме јавна дебата со експерти и со пратеници од претходниот парламентарен состав, и тогаш ја објаснувавме идејата зошто и како е избрана локацијата. Со новиот клинички центар ќе се овозможи интегриран систем на здравствена услуга како што е пракса секаде во светот, односно физички една или неколку блокови од згради ќе бидат споени и на тој начин најбрзо ќе се добива здравствена услуга. Јасно е зошто е избрана локацијата во Ѓорче Петров, бидејќи онаа првична локација во Злокуќани имаше многу приватни парцели и требаше да влеземе во фаза на обештетување кое ќе одземеше многу време, а и многу ќе чинеше. Новоизбраната локација е чисто државно земјиште – вели Филипче.

Тој додава дека две реномирани европски компании веќе аплицирале и се квалификувале во втората фаза на конкурентниот дијалог – германската „Вамед“ и француската „Буиг констракшн“.

– Едната компанија поседува одлична експертиза во делот на физичката градба, а другата компанија во делот на опремувањето и ставањето во функција на новиот клинички центар. Целта на законот е да се дозволи двете компании, за што тие се подготвени, да дадат една понуда, не се конкурентни една на друга. Искрено се надевам дека ќе соберат храброст пратениците од опозицијата, дека ќе покажат волја да ги повлечат амандманите. Тоа не се амандмани кои се конструктивни, тоа се амандмани кои се таму ставени само законот да не може да помине – посочува министерот.

Новиот клинички центар е планирано да се гради на локацијата Веле Поле во населбата Ѓорче Петров. Ветувањето на власта е дека изградбата ќе почне до крајот на четиригодишниот мандат. Проценката е дека ќе чини околу половина милијарда евра.

Поврзани содржини