Шабани: Средните стручни училишта да генерираат кадар што се бара на пазарот
Средните стручни училишта треба конечно да станат места каде ќе се генерира стручен кадар што е баран на пазарот на труд, а компаниите да станат места каде учениците ќе можат да очекуваат професионален ангажман, рече заменик-министерот за образование и наука.
Преку унапредување на стручното образование да се одговори на потребите на реалниот сектор со соодветен стручен кадар, но и да се овозможи поголема вработливост на младите. Тоа денеска го истакна заменик-министерот за образование и наука, Арафат Шабани, во Охрид, каде што имаше консултативна средба со претставници од компаниите, локалната самоуправа и средните стручни училишта во градот.
– Разговараме со локалните власти и бизнис-секторот за нивните реални потреби од одредени кадри што им недостасуваат на компаниите, како и за можностите за нив да се отворат паралелки во средните училишта. Веруваме дека низ овој социјален дијалог ќе ги идентификуваме потребите и ќе можеме да одговориме на барањата на компаниите, но и за создавање стручно образование што ќе генерира кадар потребен на реалниот сектор – рече Шабани.
Тој појасни дека Министерството за образование и наука веќе има спроведено анализа за постојните профили што ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаниите, но и подготвеноста на компаниите за соработка со средните стручни училишта на локално ниво.
– Резултатите од анализата што се однесуваат на Општина Охрид денеска ќе ја разгледуваме тука заедно. Овие средби треба да ги потврдат резултатите од анализите, но и да ја зајакнат соработката и довербата меѓу стручните училишта и компаниите на локално ниво. Средните стручни училишта треба конечно да станат места каде ќе се генерира стручен кадар што е баран на пазарот на труд, а компаниите да станат места каде учениците ќе можат да очекуваат професионален ангажман – рече Шабани.