Тестирањето на комбинацијата на вакцините Спутник V и британската вакцина АстраЗенека против коронавирусот ќе почне следната недела во Азербејџан и во други земји на Блискиот исток, соопштиле руските власти.
АстраЗенека во декември објави дека ќе направи клинички испитувања поради тестирањето на комбинацијата на двете вакцини за да се утврди дали може на тој начин да се зголеми ефикасноста на британската вакцина.
И двете вакцини се применуваат во две дози и користат безопасни аденавируси како вектори за пренесување на генетските упатства во телото за клетките да создадат антитела. Спутник V, меѓутоа користи различни вирусни вектори во двете дози, пренесува Н1.Според резултатите од последната фаза на испитувањата, објавени во стручното списание Лансет, руската вакцина има ефикасност од 91,6 отсто.
Русија е подготвена да понуди соработка на било кој произведувач кој има вакцина со ефикасност помала од 90 отсто, вели за Ројтерс Кирил Дмитријев, раководител на рускиот фонд за директни вложувања.Податоците на испитувањата во третата фаза покажале дека ефикасноста на британската вакцина АстраЗенека изнесува 70 отсто.
Британија почнала испитувања за проценка на имунолошкиот одговор во случај на комбинација на вакцината АстраЗенека и Фајзер.
– Спутник беше прв во светот кој покажа дека две вакцини би требало да се разликуваат за имунолошкиот одговор да биде посилен, подолг и поотпорен на мутации – вели Дмитријев.
Тој истакнал дека сега со ваков вид на испитувања други почнуваат да ги следат нивните чекори.
Тој додал дека РДИФ наскоро ќе најави и заедничко испитување со голема кинеска компанија.
Тој изјавил дека стотина луѓе во различни земји ќе учествуваат во тестирањето на комбинираната вакцина.
Испитувања ќе има и во Аргентина, Саудиска Арабија, Белорусија, Русија и во Украина, соопшти Ројтерс. Учесниците во истражувањето најпрво ќе ја примат вакцината на АстраЗенека, а 29 дена подоцна и доза од Спутник V.
Првите резултати се очекуваат во март, потврдил Дмитријев.