Почна расправата за предлог-законот за попис, ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против

191

Собранието денеска ја почна расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, која е 14 точка од 29-тата седница. Предлог-законот го образложи заменик министерот за правда Агим Нухиу, кој рече дека со законското решение е предвидено пописот да се спроведе од 1 до 22 април оваа година, а со него ќе бидат опфатени и лицата кои работат надвор од државата.

– Лицата кои работат надвор од државата, попишувањето ќе го извршат сами, со посебна апликација, која ќе биде инсталирана на интернет-страницата на Државниот завод за статистика, од 1 март до 21 април 2021 година – појасни заменик-министерот Нухиу.






Тој посочи дека со законот се предвидени 50 региони за попис и секој од нив ќе има посебна комисија. Во целиот процес ќе се почитува правичната застапеност во комисиите, како и при изборот на попишувачите.

– Во четвртото поглавје од законот, е предвидено дека актите кои ги донесува директорот на Заводот за статистика ќе имаат правен ефект ако нив ги прифати и неговиот заменик. Така, не може да има измама на етничка основа – истакна Нухиу.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека за нив е неприфатлив ваквиот закон и оти ќе гласаат против.

– Со законот не дојдовме до пленарна седница на начин на кој посакувавме и повикуваме. Од самиот почеток баравме државен консензус за ова прашање, а не владино-коалициска одлука на партиите од власта за начин, односно формата за спроведување на пописот. Испуштивте шанса, од самиот почеток да дадете легалност и легитимитет, односно доверба на статистичката операција-наречена попис – нагласи Мицевски.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ сакала да учествува во овој процес и затоа од пратеничката група поднеле 26 суштински амандмани, кои биле во согласност со регулативите и препораките на Европскиот парламент, Обединетите нации и Евростат, но владејачкото мнозинство не ги прифатило.

Мицевски потсети дека власта не го прифатила предлогот на опозицијата при пописот да се користи отпечаток од прст.

– Пописот треба да биде статистичка операција која треба да го даде бројки за резидентно население, а не бројот на државјани. Ја нема дефиницијата за постојано место на живеење, која мора да ја има секој закон за попис. Според регулативите на ЕУ и според ООН, за резидентно население се сметаат оние кои живееле во нивното место на вообичаено живеење за континуиран период од најмалку 12 месеци пред пописот; и оние кои пристигнале во нивното место на вообичаено живеење во текот на 12 месеци пред пописот со намера да останат таму најмалку една година – истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека вака како што се планира пописот, ќе даде резултати кои ќе бидат под знак прашалник.

Поврзани содржини