Работничка од Куманово доби судски спор за кршење на нејзините права во коронакриза
Работничката користела здравствена мерка, но била отпуштена од работа. Сега ќе треба да се врати на работното место.
Работничка од приватен сектор во Куманово ја доби првата кривична пресуда за кршење на работнички права за време на корона-кризата, соопшти Кристина Ампева од „Гласен Текстилец” од Штип.
– Гласен Текстилец го следеше судскиот случај, на една работничка од Куманово, којашто беше бремена и ги користеше времените мерки донесени од Владата, со коишто бремените беа ослободени од работа. Работодавачот и даде незаконски отказ, поради кршење на ред и дисциплина. Оваа работничка собра храброст и го тужи работодавачот, со тужба поради работен спор и приватна кривична тужба и ја доби оваа битка, со што судот го усвои тужбеното барање, го утврди незаконитото постапување, со кои се повредени работничките права. Судот го поништи решението за откажување на договорот за вработување, како незаконито – вели Ампева.
Таа ги охрабрува работниците да преземат мерки, доколку се повредени нивните работнички права и да бидат одлучни и упорни во нивното остварување.
– Да се обратите до соодветните институции, како и до „Гласен текстилец“ кој секогаш е на страната на работниците и секогаш достапен да даде помош и соодветно да ве упати при остварувањето на работничките права.Правдата е достижна, само е потребно храброст, одлучност и упорност – рече Ампева.