Инспекциите синоќа имале полни раце работа – затвориле три угостителски објекти и едно јога-студио
Во локалот „Мош“, кој бил отворен иако привремено запечатен, интервенирала и полицијата. Сè што таму затекнале инспекторите, посочи Пауновски, е заведено во записникот, а за навредите што им биле упатени, рече, инспекторите се веќе навикнати.
Инспекциите во Скопје вчера затвориле четири објекти – три се угостителски кои работеле по 21 часот, а интервенирано е и во јога-студио каде што казната не е за пречекорување на работното време, туку за групирање повеќе луѓе на едно место.
– Инспекциите синоќа, посебно од одделението во Скопје, имаа полни раце работа. Трите угосителски објекти се фатени дека работат во 23, 23.30 и 24 часот, а кај еден имаме и кинење пломба пред да му истече рокот за затворено и отворил повторно. Тоа е објект во Чаир, кој повторно е затворен, направен е записник и поднесена е кривична пријава за кинење службен печат од институција, рече Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат на прес-конференција на Инспекцискиот совет.
Во локалот „Мош“, кој бил отворен иако привремено запечатен, интервенирала и полицијата. Сè што таму затекнале инспекторите, посочи Пауновски, е заведено во записникот, а за навредите што им биле упатени, рече, инспекторите се веќе навикнати.
– Меѓутоа, треба да им служи на чест на оние коишто ги организираат и се сопственици на тие угостителски објекти. Во записниците стои дека работеле и во 23 часот, заедно со полицијата е правена контролата. Истиот субјект е казнет и по претходниот закон кога поднесувавме кривични пријави и беше затворен. Ова е по новиот закон, и во зависност од големи, мали или средни претпријатија, казните се од 3.000 до 30.000 евра и плус 1.500 евра за физичкото лице. Во рок од три дена сега казните ги доставува директно ДПИ преку платни налози, а објектот ќе биде затворен од 10 до 30 дена – додаде директорот на Пазарниот инспекторат.
Според него, и овие казни се ригорозни и не се потребни дополнителни, но порача да бидат посовесни и да не сметаат, како што рече, дека инспекторите ќе проверуваат само во 21 часот (односно од 18 часот од денеска), и дека откако ќе си заминат, ќе ги продолжат забавите.
– Инспекторите се на терен и додека имаме дослух и од граѓаните, тие ќе ги проверуваат сите угосителски објекти каде се сомневаме дека има повторно отворање и собирање на поголеми групи луѓе како гости и ќе делуваме. Овие казни што ги имаме денес мислам дека се доволни, само да се врати свеста и совеста кај оние што вршат угостителска или други дејнсоти, да бидат малку попослушни кон донесените протоколи – истакна Пауновски.
За време на новогодишната ноќ, рече, Инспекторатот ќе работи според насоките што ќе ги добие од Владата и дека ако е потребно, а верува дека ќе биде така, инспекторите ќе работат и на 31 декември и на 1 јануари.
Во однос на контроли во туристичките места, гарантира, рече, дека ќе ги има во секој град зашто ДПИ има одделенија со инспектори и дежурни екипи кои заедно со полицијата ќе делуваат каде што има неправилности, непочитување на протоколите, прекршување на работното време и групирања.
Во однос на казината и обложувалниците, Пауновски одговори дека и тие како и угостителите од денеска по 18 часот не смеат да послужуваат пијалаци.