Лузните на Азра од битката со ковид-19 добри за ПР, неподобни за вработување?!

Лузните кои се појавуваа на лицето на Азра после цел ден носење на заштитна опрема, борејќи се да спаси живот повеќе беа многу битни за министерот Венко Филипче, кога требаше да ги објавува нејзините слики и да го користи нејзиниот труд за ПР, вели Салиу.

829

Бурни реакции, како на социјалните мрежи, така и во медиумите, предизвика објавата на новинарот Фрукан Салиу во која се вели дека на околу 40-тина медицински сестри не им бил продолжен договорот за работа во време на најголемата здравствена криза со која се соочува Македонија, но и целиот свет.

Тој во неговиот пост посочува дека меѓу тие здравствени работници е и медицинската сестра Азра чии фотографии со лузни од напорната работа ги користеше дури и министерот Венко Филипче во своите објави на Фејсбук со цел да прикаже со што се соочуваат тие за време на пандемијата со ковид-19.






– Лузните кои се појавуваа на лицето на Азра после цел ден носење заштитна опрема, борејќи се да спаси живот повеќе беа многу битни за министерот Венко Филипче, кога требаше да ги објавува нејзините слики и да го користи нејзиниот труд за ПР. Денеска тие лузни се заборавени! Заборавени се затоа што требаше да им се продолжи договорот. Во време кога има недостиг на кадар, кога директорката на ИМП јавно изјави денеска дека би било добро ако има уште неколку екипи, Азра, нејзината другарка Исра, и на уште 40-тина медицински сестри, не им е продолжен договорот. Замислете како би требало да се чувствуваат другите медицински сестри или лекари кога ќе прочитаат дека Азра и Исра, работеле од 01.11.2019 до 31.10.2020, во најтешкото време, кога не знаевме ни колку опасен може да биде вирусот, без здравствено осигурување, а денеска, без ниту едно објаснување се оставени на улица. Навистина би сакал да верувам дека сум во сигурни раце кога ќе отидам во државна клиника, но зошто мене лекар да не ме третира, како што министерството и власта ги третира овие медицински сестри? – пишува Салиу.

Директорот на Здравствен дом-Скопје, д-р Виктор Исјановски за Фактор појасни дека договорите на медицинските сестри кои се завршени, ќе им бидат продолжени до крајот на годинава, откако Управниот одбор на ФЗОМ ќе донесе одлука за финансиски средства.

– Во конкретниов случај станува збор за медицински сестри чии договори истекоа заклучно со 31.10.2020 година, но Здравствен дом-Скопје побара да им бидат продолжени за уште два месеца. Министерството за здравство даде согласнот, а сега постапката е во тек, односно процедурата е стигната до Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, кој треба да донесе одлука за финасиски средства. Ова можеби ќе потрае, но договорите ќе им бидат продолжени. Секогаш имаме потреба од таков кадар, а посбно сега кога сме во кризна ситуација поради епидемијата на корона вирусот во земјава – посочи д-р Исјановски.

Поврзани содржини