Пандев: На Европско првенство нема што да загубиме, можеме само да добиеме
Пандев се надева дека и на Европското првенство ќе се претставиме во добро издание.
Во интервју за „Ал Џезира Балканс“, капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев, раскажува за пласманот на Македонија на Европското првенство во фудбал.
Тој има постигнато голови против многу големи екипи, но најдраг во кариерата му е оној против Грузија кој ја однесе Македонија на Европското првенство.
„Тоа ми е најдрагиот гол, поради тоа што конечно се пласиравме на едно големо натпреварување. За 20 години во репрезентацијата се случуваа лоши моменти и проблеми. Во еден момент и престанав да играм за Македонија. Кога Ангеловски стана селектор, дојде кај мене во Џенова. Зборувавме и ми го кажа неговото мислење за репрезентацијата по што се вратив“, вели Пандев во интервјуто за Ал Џезира.
Пандев се надева дека и на Европското првенство ќе се претставиме во добро издание.
„Во нашата група се Холандија, Украина и Австрија. Тие се посилни, но кога играш растеретено и немаш што да изгубиш, можен да направиш многу повеќе. Се надеваме дека ќе земеме некој бод и ќе бидеме во што е можно подобра позиција во групата“, изјави Пандев.