Богдановиќ: Центар наплати казна од „Лимак“, а не може да ги троши парите додека НБРМ не ги распредели
Општина Центар врши наплата на казна по основ на договор за отуѓување на градежно земјиште кон правното лице „Лимак“ Доо Скопје, бидејќи задоцнило со испочитување на договорните обврски од договорот за отуѓување на градежно земјиште во предвидениот рок, соопшти Општината.
Општина Центар утврдила дека Министерството за транспорт и врски не извршило наплата на договорните казни за едниот објект – хотел, при што, по преземање на предметите од страна на Општина Центар, општината успеала да го наплати долгот во износ од 7.542.900 денари.
– Општина Центар не може да ги троши наплатените средства од договорот на казна, сѐ додека Народната банка не ги распредели согласно Закон. Дури тогаш, Општина Центар смее да ги користи средствата, токму за сѐ што е наведено во видео изјавата на Антоанета Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ – изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Од Општина Центар велат дека ова е единствената општина која не должи средства и редовно ги сервисира своите обврски и должности. Во буџетот на Општина Центар вратени се средства во износ од 2,5 милиони евра, по основ на договорни казни, банкарски гаранции и пресуди. И тоа: 2.301.715 денари од Град Скопје и Музеј на Град Скопје, 1.297.050 денари од ќебапчилницата „Кај Злате“, од Министерството за транспорт и врски вратен е долг во износ од 5.141.462 денари. Од Пелагонија АД Гостивар повратен е износ од 94.184.098 денари, од Друштвото за производство промет и услуги „Риком“ Дооел увоз-извоз во износ од 3.242.607,50 денари, како и наплата на договорни казни од договори за отуѓување на градежно земјиште со јавно наддавање во износ од 6.149.420 денари со „Макоил“ Дооел, „Камфуд“ Дооел Скопје во износ од 1.651.320 денари, „Елан-Пропертис“ Дооел во износ од 6.979.500 денари и други.
Се водат судски спорови во износ од над 3,5 милиони евра кои преку правни механизми ќе бидат вратени и инвестирани во нови капитални проекти во Центар.