ВМРО-ДПМНЕ: Филипче носи 1.212 починати граѓани на душа поради неговата неспособност
Граѓаните заслужуваат заштита и силно здравство. Време е за оставка!“ велат во реакција од опозицијата.
Како изминува времето, така се повеќе е јасно дека власта не знае во кој правец да се движи, односно не знае да го менаџира здравството во оваа пандемија предизвикана од ковид-19 вирусот, велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакција на соопштениеето на СДСМ.
– Ако се навратиме неколку месеци наназад ќе се сетиме на оние прес конференции на Венко Филипче, каде со тивок тон ги манипулираше граѓаните дека ситуацијата е под контрола и дека државата е една од подобрите во регионот во справувањето со корона вирусот. За жал, Република Македонија не само што добро не се справува со пандемијата, туку едноставно капитулира и секојдневно бележи поразителни бројки на новозаболени и починати граѓани. Венко Филипче е директниот виновник за лошата здравствена ситуација во Република Македонија, поради тоа што наместо навремено да реагира и да донесува мерки кои ќе бидат од полза на граѓаните, тој се затскриваше зад популистички мерки кои сметаше дека го спасуваат од ден на ден – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата стои дека реалноста е дека граѓаните не можат ниту да закажат тестирање, ниту пак да ги добијат навремено резултатите за да можат да реагираат доколку се позитивни на ковид-19, а ненавременото доставување на резултатите, досега резултираше со 1.212 починати лица.
– 1.212 починати лица одат директно на контото на Венко Филипче, поради тоа што како министер не презеде никакви конкретни мерки и чекори за граѓаните да почувствуваат заштита од јавното здравство. Поради несериозноста и лошата организација, Филипче на душа ќе носи 1.212 починати граѓани.
Граѓаните се приморани да чекаат и повеќе од 10 денови за тестирање и најмалку уште 7 за да ги добијат резултатите. Замислете, човек кој можеби е позитивен на Ковид-19, не може да добие резултати и да почне третман со лечење, поради лошите услови кои се синоним за неразвиените земји, а за жал ги гледаме и во нашата држава.
– Наместо да се зголеми капацитетот на јавното здравство, се со цел подобро справување со пандемијата, Филипче објавуваше хумористични видео клипови со кои ги исмејуваше македонските граѓани. Граѓаните заслужуваат заштита и силно здравство. Време е за оставка!“ велат во реакција од опозицијата.