Илија Димовски: Топчето и трите кутивчиња на Камен мост
Секое брзање и постапување во Собранието без општа согласност ќе раѓа само нови кризи. Опозицијата треба да е вклучена, но не како инструмент за остварување на целите само на власта. Власта треба да понуди концепт за кој гласачите на опозицијата ќе веруваат дека нивните пратеници треба да застанат и да го поддржат. Се друго не е политика, се друго е како онаа игра на Камен мост со топчето и трите кутивчиња.
Илија Димовски, поранешен пратеник вели дека Собранието ниту може според Уставот и Деловникот ниту смее да одлучува без да се собере и да заседава.
Тој во анализа насловена „Топчето и трите кутивчиња на Камен мост“ која ја објави на Фејсбук вели дека власта мора да разбере дека не е проблем тоа што Уставот не дозволува онлајн работа на Собранието, туку проблем е малата и тесна поддршка што оваа влада ја има во Собранието.
Во продолжение анализата на Димовски во целост:
„Собранието е во криза. Собранието не може и не смее да работи и да одлучува без да заседава.
Собранието не треба да постои за ситни финти, туку за сериозна и мудра политика.

Одлуката да се формира Влада со толку мала политичка платформа зад себе и со толку мал број на пратеници (историски најнизок) зад себе е одлука на раководствата на ДУИ и СДСМ.
И во СДСМ и во ДУИ има искусни политичари кои знаат како функционираат институциите (Собрание и Влада) и што се е потребно за тие непречено да ја извршуваат својата работа.
Владата е формирана единствено со желба да се владее, а не и со концепт како државата да се соочи со големите проблеми.

Овие месеци после конституирање на Собранието и формирање на Владата, мнозинството со ниту еден гест и постапка, не покажа институционална форма на вклучување на опозицијата во борбата со епидемијата и економската криза.

Идејата за он-лајн седници на Собранието е спротивна на Уставот на Република Македонија кој можноста Собранието да работи ја поврзува единствено со присуство.
Уставот е јасен и во својот член 69 вели: „Собранието може да работи ако на седницата присуствува мнозинството од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.”
Идејата за он-лајн седници на Собранието е спротивна и неостварлива, посебно во делот на одлучување, и за Деловникот за работа на Собранието кој во својот член 95, став 1 вели: „Собранието може да одлучува ако на седница присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници.”, а во истиот член, но став 2 вели: „Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Устав не е предвидено посебно мнозинство.”.
Власта мора да разбере дека не е проблем тоа што Уставот не дозволува он-лајн работа на Собранието, туку проблем е малата и тесна поддршка што оваа Влада ја има во Собранието.
Постојат начини да се надмине овој проблем, но тие не се во рамките на размислувањето за менување на начинот на работа на Собранието, бидејќи за да се смени потребна е промена на Уставот, а тоа е постапка која трае околу 100 дена. Начините мораат да бидат политички, но да признаеме, и тоа ќе се случува во тежок политички контекст.
Но од друга страна доколку опозицијата одлучи да ја сподели одговорноста со власта за сегашната нефункционалност на институциите, во услови во кои е маргинализирана, тогаш ќе мора да спреми сериозна аргументација пред своето гласачко тело кое секако нема со добар дух да прифати споделена одговорност со власт која за нив е неспособна, неодговорна и штетна за државата.
Наративот и политичката комуникација помеѓу власта и опозицијата исто така не остава голем простор за соработка. Очигледно не се мерело и не се постапувало со мудрост и согледување на можните предизвици за државата во иднина.
Да поставиме прашање со речникот на двете страни: Како власта ќе соработува со опозиција која е составена од криминалци кои ќе ги стигне правдата и обратно, како опозицијата ќе соработува со мафија која еден ден ќе се соочи со правдата?
Оттука, секое брзање и постапување во Собранието без општа согласност ќе раѓа само нови кризи. Опозицијата треба да е вклучена, но не како инструмент за остварување на целите само на власта.
Власта треба да понуди концепт за кој гласачите на опозицијата ќе веруваат дека нивните пратеници треба да застанат и да го поддржат. Се друго не е политика, се друго е како онаа игра на Камен мост со топчето и трите кутивчиња.