ПРЕНЏОВ • РЕФОРМИТЕ ЌЕ ПРОДОЛЖАТ СО ИЛИ БЕЗ ВЕНКО ФИЛИПЧЕ И СДСМ Нивното лицемерие нема да нѐ запре

Фактот што Венко Филипче и СДСМ вчера гласаа против Законот за Советот на јавни обвинители јасно испрати порака дека тие се против реформската агенда, интеграциите во Европската Унија и подобар правосуден систем – рече пратеникот Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.

0

Сите поважни законски решенија, а пред сè сите решенија од реформската агенда, се носат во една транспарентна, јавна и отчетна процедура како никогаш досега. Сите законски измени во поглед на исполнувањето на реформската агенда ќе бидат донесени во рамките на Собранието, со или без поддршка на СДСМ – изјави на прес- конференција во Собранието пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов.

Тој рече дека прес-конференцијата ја свикал во врска со случувањата со последните закони од реформската агенда, односно, како што рече, со лицемерието кое СДСМ и Венко Филипче се обидуваат да го протнат и во Собранието и на македонската политичка сцена.

– Сите закони беа во редовна постапка, со испочитувани рокови, со консултирани експерти, со организирани јавни расправи и слично, каде што беа поканети сите оние кои беа предложени од опозицијата, како и невладиниот сектор и меѓународните организации, Европската комисија итн.

Опозицијата активно учествуваше во подготовката, обликувањето и допрецизирањето на овие законски решенија. За секој од законите беа прифатени двоцифрен број амандмани и на тоа сме горди, затоа што секој добар предлог треба да биде вграден во законското решение, независно дали доаѓа од експертската фела, граѓанскиот сектор или од опозицијата.

Согласно Деловникот на Собранието, за донесување на Законот за Советот на јавни обвинители се потребни 41 пратеник. Јасно е дека, согласно бројките во Собранието, тоа законско решение секако ќе беше донесено. Но, загрижува фактот што Венко Филипче и СДСМ вчера гласаа против ова законско решение и јасно испратија порака дека се против реформската агенда, интеграциите во Европската Унија и подобар правосуден систем. Истовремено, пред некој ден соопштија дека се повлекуваат од уште еден реформски закон – Изборниот законик, и јасно и недвосмислено ни соопштија дека се против Законот за јавното обвинителство, кој е во собраниска процедура.

Ова е лицемерие. Ова е вистинскиот СДСМ – политичка партија која де јуре зборува за Европа, а де факто никогаш не направила доволно за да бидеме чекор поблиску до Брисел. Затоа јавно прашувам: во чиј интерес е ова блокирање на сите реформски закони? Знам само дека не е во интерес на граѓаните и на Македонија.

Сите законски измени во поглед на исполнувањето на реформската агенда ќе бидат донесени во рамките на Собранието, со или без поддршка на СДСМ. Македонија ќе оди напред, независно од политиканството и лицемерието.

Исто така, и во следниот период, како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, како и како Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, ќе продолжиме активно да соработуваме со сите политички чинители, невладини организации и експерти со цел да креираме подобри закони. Ќе продолжиме да организираме јавни расправи, да работиме транспарентно и отчетно и да го прифаќаме секој предлог што значи подобро законско решение. Ние, како политичка номенклатура, ќе продолжиме да се однесуваме исклучиво согласно интересите на граѓаните и на државата – рече пратеникот Пренџов на прес конференцијата во Собранието.

Поврзани содржини