Калајџиев не е уверен дека се спасени предметите на СЈО
Професорот не се согласува дека државата ги спасила предметите на СЈО, бидејќи, нагласува тој, допрва ќе се јават проблемите во Стразбур за нив околу законитоста на доказите и на истрагите што се поведени по истекот на рокот.
Професорот на Правен факултет Гордан Калајџиев не се согласува дека државата ги спасила предметите на СЈО, бидејќи, нагласува тој, допрва ќе се јават проблемите во Стразбур за нив околу законитоста на доказите и на истрагите што се поведени по истекот на рокот.
– Тешко би се согласил дека се спасени предметите, бидејќи станува збор за две групи на предмети, едната група се постојните, оние за кои СЈО беше формирано и кои со проблемите после тоа кои правно излегоа ги загрозија и ги доведоа до проблематични точки. Тие мислат дека ги спасиле предметите кои што СЈО ги отвори подоцна, а тоа е само привид, бидејќи таа проблематика и други проблеми ќе се појави исто така во Стразбур, а тоа е проблематиката на законитоста на доказите и на истрагите што се поведени по истекот на рокот – истакна Калајџиев во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Тој појаснува дека Стразбур ги проблематизира помилувањата од аспект на правна сигурност и не ги интересира дали е законита одлуката, затоа што македонските правни институции се уште се политизирани.
– Тоа е истата логика на другиот правен проблем на поведување на постапки за кои роковите беа истечени, за кои Врховен суд имаше едно мислење, а министерството за правда друго. Тоа што Министерството за правда мисли дека ги спасило тие истраги, не значи дека се законите ниту дека нема да дојдат пред преиспитување дома и во Стразбур. Стразбур не го интересира дали е законита одлуката особено ако тоа е спорно во домашното право. Ние како општество и правна фела не сме зрели да излеземе на крај само со правни аргументи ниту да ги почитуваме правни институции бидејќи тие се политизирани и целата расправа е политизирана. Поранешната министерка практично го дисквалификува Уставниот суд, а Стразбур би бил збунет ако ние се обидеме да кажеме дека Уставните судии се неписмени. Стразбур го гледа Иванов како легитимен претседател – рече Калајџиев.
Поранешната министерка за правда Рената Дескоска смета дека има аргументи за одбрана на позициите на државата во случајот што се отвори откако пред судот во Стразбур повеќемина поранешни функционери побараа да паднат судските предмети против нив, повикувајќи се на аболицијата на експретседателот Ѓорге Иванов.