Денеска, околу шест часот, се случил дефект на насипот на јаловиштето број 4 на рудникот Саса, предизвикувајќи краткотрајно истекување на јаловишни води во локалниот речен тек. Набргу по дефектот истекувањето е запрено и состојбата е нормализирана, соопштија од рудникот.
Професори од рударскиот факултет во Штип и градежниот факултет во Скопје, заедно со стручни екипи на компанијата, почнале детална истрага за да ги утврдат причините за инцидентот.
Првичните резултати од истрагата покажале дека дефектот не претставува закана за здравјето и безбедноста на вработените во рудникот и на жителите во неговата околина.
За настанот биле известени и сите надлежни институции на државно и локално ниво.