Заев: Кој не почитува закон, ќе се соочи со закон ВИДЕО

Пред Владата утрово се одржа централното чествување по повод Денот на независноста, 8 Септември. Премиерот Зоран Заев во обраќањето пред претседателот на државата, претставници на државниот врв, дипломатскиот кор и медиумите, истакна дека стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја.

1,643

Пред Владата утрово се одржа централното чествување по повод Денот на независноста, 8 Септември. Премиерот Зоран Заев во обраќањето пред претседателот на државата, претставници на државниот врв, дипломатскиот кор и медиумите, истакна дека стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја.

 






Денес, потенцира Заев, независноста која беше мечта на многу генерации, ја славиме слободни и отворени кон светот.

– Денот на независноста, 8 Септември 1991 година, ќе остане запамтен како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет. Важни стратешки патокази на тој пат беа НАТО и Европската унија. Денес Република Северна Македонија е 30-та полноправна членка на Северноатлантската алијанса, како и земја која е на пат за членство во ЕУ – нагласи премиерот.

Осврнувајќи се на изминатиот, како што рече, турбулентен период, но и на претстојните предизвици, приоритети и определби, Заев најави дека земјава ќе продолжи по патот што веќе го трасираше – граѓанска држава, слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници, општество за сите со европска иднина.

Борбата за правда, напомена Заев, ќе биде врвна заложба.

– Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Тоа ќе биде најважната приказна. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон – порача премиерот Заев.

Сега почнува периодот на најинтензивната македонска европеизација, нагласи премиерот.

– Приклучете се успехот ќе биде многу поголем ако секој граѓанин даде свој автентичен придонес. Дајте свој белег на македонскиот успех. Секој од вас е важен и потребен. Во граѓаните гледаме коректив, но и партнер. Следете ја нашата работа и испраќајте гласни, конструктивни и аргументирани забелешки. Ние како и досега ќе го слушаме вашиот глас, ќе ги следиме вашите потреби. Во таа насока ја повикувам и опозицијата да ги напушти тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување. Патот кон независноста е поплочен со заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации во македонската историја. Ја имаме неповторливата можност Северна Македонија да седне на своето столче на масата на европските држави. Тоа е шанса која нема да ја пропиштиме. Да го зграбиме моментот и самоуверено сите заедно да зачекориме по европскиот пат – слободни и отворени кон светот. Ја славиме независноста. Нека ни е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста –  порача Заев во обраќањето.

Централното чествување пред Владата, организирано согласно ковид протоколи, почна со чинот на менување на знамињата пред платото на Владата, по што беше интонирана македонската химна. Потоа  беше прикажано видео кое испрати пораки по повод 29 години од независноста на државата.

Претходно, во рамки на одбележувањето на празникот, премиерот Заев со владина делегација положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на гробиштата во Бутел. Цвеќе положи и собраниска делегација.

Поврзани содржини