Ахмети: ДУИ не е невидлив непријател како што е ковид-19

На прашањето дали повторно ќе свика средба помеѓу претседателите на албанските партии, лидерот на ДУИ рече дека сега редот е на оние лидери кои денеска не присуствувале на средбата.

1,320

Денеска не се реализираше тркалезната маса на која беа поканети претседателите на албанските политички партии од страна на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Сепак, тој самиот одржа прес-конференција и ја честиташе годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.

Тој истакна дека ДУИ е фактор на стабилност во државава и дека неговата партија не е невидлив непријател како што е ковид-19.






– ДУИ е фактор на стабилност во државава и додека ние сме свесни за нашата мисија, ДУИ никогаш нема да делува ниту со еуфорија ниту со притисок, туку ќе изнајдеме правилен пат за да ѝ служиме на државата и полесно да ги надминеме сите потешкотии со кои се соочуваме. Нашата партија не е невидлив непријател како што е ковид-19. За секоја нова информација ќе ја информираме јавноста, но запишете некаде дека ДУИ делува и работи со ладна глава и со отворено срце. Сè што ќе преземеме во иднина ќе биде во корист од најмалиот работник до најголемиот интелектуалец. Секоја наша одлука ќе биде во корист на државата и на надминување на ситуацијата со коронакризата – рече Ахмети.

Во однос на поканата за лидерска средба помеѓу лидерите на албанските партии, додаде тој, таа содржела конкретна агенда.

– Ги повикав албанските политички партии за да им се заблагодарам за заедничката соработка при донесувањето на Законот за јазици, уставните измени и друго. Сакав да ги слушам и нивните предлози и забелешки. Многу ми е жал што тие не дојдоа на денешната средба. Би сакал нивното недоаѓање да не го користат за политички цели. Во пресрет сме на донесување на големи одлуки – истакна Ахмети.

На прашањето дали повторно ќе свика средба помеѓу претседателите на албанските партии, тој рече дека сега редот е на оние лидери кои денеска не присуствувале на средбата.

– ДУИ ги покани, а тие не дојдоа – кратко искоментира Ахмети.

Тој изјави дека деновиве продолжуваат работните средби со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и истакна дека сака да ги слушне аргументите зошто премиер не би можел да биде Албанец.

Сакам да слушнам аргументи, отворени сме да дебатираме за тоа зошто не може премиер да биде Албанец. Ако излезат со некој силен аргумент, тука сме да го разгледаме. Отворено е оваа прашање, но ќе кажам – колку сме блиску, толку сме и далеку од постигнување договор. Не би сакале да ја оптоваруваме јавноста и со шпекулациите за моделот две години со две или три со една – рече Ахмети

Поврзани содржини