Стејси, 31-годишна мајка од Нигерија, немала поим дека фотографиите од нејзините бебиња, родени во февруари минатата година, ќе го обиколат светот.
Браќата Даниел и Давид се родени со една минута разлика, а освен што двајцата имаат големи кафеави очи, малкумина би рекле дека се браќа.
Нивните родители признаваат дека бебињата привлекуваат многу внимание кога излегуваат надвор. Даниел е потемен, додека Давид има посветла кожа и кадрава, златеста коса.
Стејси одлучила да го документира животот на нејзините бебиња на Инстаграм, а досега собрала 18.000 следбеници.
– Не знаевме колку се различни за време на бременоста, ултразвукот не го покажува тоа, па прилично се изненадивме кога видовме дека Даниел е роден со темна коса, а Давид со златна. Ги родив со царски рез, а лекарот се пошегува дека имам ‘неидентични близнаци’. Медицинските сестри постојано доаѓаа да ги гледаат – раскажала Стејси за „Bored Panda“.
Давид е роден со албинизам, генетска состојба која се појавува кај едно од 20.000 бебиња во светот.
Албинизмот се вбројува во групата на ретки болести на кожата, очите и косата, кој се јавува поради недостиг на пигментот меланин. Албино луѓето се сензитивни кон изложеност на сончева енергија, а како резултат на ова кај нив има поголем ризик за рак на кожата. Постојат повеќе видови на албинизам, но заедничка карактеристика на сите типови е проблемот со видот, исто така последица од отсуството на меланин.
Во Нигерија бројот на албино лица е необично голем, но и покрај тоа се дискриминирани и злоставувани. Стејси истакнува дека таа никогаш не слушнала лоши коментари за своите деца и истакнува дека двајцата ги сака подеднакво.
FOTO: Instagram