Фатиме Фетаи за Плусинфо: Кога се вратив од Дубровник, мерки за задолжителна самоизолација немаше!
Јас ги почитувам мерките за заштита и самата не би си дозволила да избегнам самоизолација доколку навистина постоел ризик да бидам заразена, изјави Фетаи за Плусинфо.
Точно е дека месецов учествував на симпозиум во Дубровник, но тогаш Хрватска беше земја од низок ризик за коронавирусот, а и кога се вратив, во земјава сè уште не беше активирана мерката за задолжителна самоизолација за лицата кои доаѓаат од странство, објаснува за Плусинфо, обвинителката Фатиме Фетаи, откако на социјалните мрежи деновиве се отвори прашањето дали таа се пријавила на македонските власти кога стапнала на македонска територија и дали ги испочитувала мерките за самоизолација кои се пропишани од Владата.
– Во земјава се вратив неколку дена пред завршувањето на конференцијата во Дубровник која се одржа од 8 до 14 март. Тогаш Хрватска не беше земја со среден ризик кога станува збор за епидемијата од коронавирусот, а и во Македонија тогаш не беа пропишани мерки за задолжителна самоизолација. Јас ги почитувам мерките за заштита и самата не би си дозволила да избегнам самоизолација доколку навистина постоел ризик да бидам заразена – изјави Фетаи.
За нејзиното патување во Дубровник просведочија и фотографиите што на Фејсбук ги објави Правниот факултет од битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, но од друга страна, пак, интересно е тоа што истите тие фотографии по неколку дена беа избришани од социјалната мрежа. Па така, доколку сега го отворите Фејсбук профилот на Правниот факултет од Битола, таму ќе ги пронајдете фотографиите од другите македонски учесници на симпозиумот во Дубровник, но не и оние на кои се гледа обвинителката Фатиме Фетаи.