МАКЕДОНИЈА И ХРВАТСКА ВЛЕГУВААТ ВО НОВА ФАЗА НА СОРАБОТКА Во фокусот брзата пруга на Коридорот 10 и зголемена трговија
Двете земји најавуваат заеднички инфраструктурни проекти, зголемена трговија и нови туристички линии, со посебен фокус на Коридорот 10.
Македонија и Хрватска влегуваат во нова фаза на економско, инфраструктурно и транспортно поврзување, со посебен акцент на изградбата на брзата железничка линија на Коридорот 10, зголемувањето на трговската размена и отворањето на нови инвестициски и туристички можности, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски по потпишувањето на Договорот за стратешка соработка меѓу двете држави во Охрид.
Според Министерството за транспорт, Николоски истакнал дека односите меѓу двете земји се традиционално блиски и пријателски, а политичката соработка дополнително се зајакнува преку партнерството меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ХДЗ во рамки на Европската народна партија.
– Со Хрватска имаме блиска, би рекол и братска соработка. ВМРО-ДПМНЕ и ХДЗ имаат долгорочно партнерство, а двете партии се дел од Европската народна партија, што дополнително нè зближува – изјави Николоски.
Тој додаде дека Хрватска била меѓу првите земји кои помогнале во решавањето на проблемот со визите за македонските транспортери, со што им се олеснува пристапот до европскиот пазар.
Во однос на економската соработка, Николоски посочи дека трговската размена меѓу двете земји изнесува околу 300 милиони долари, со суфицит за Македонија, и дека постои потенцијал таа да порасне на 400 милиони долари.
– Имаме бројна стопанска делегација и силни компании од двете страни. Простор за раст постои и тоа треба да го искористиме – нагласи тој.
Во рамки на посетата, вицепремиерот Николоски оствари средба со хрватскиот вицепремиер и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура Олег Бутковиќ.
На средбата посебен акцент бил ставен на инфраструктурните проекти поврзани со Коридорот 10 и изградбата на брзи железнички линии.
– Хрватска започнува голем инвестициски циклус на Коридорот 10, а и ние паралелно работиме на сличен проект. Хрватска ќе гради брза пруга од границата со Србија до Словенија, а Македонија од границата со Грција до границата со Србија. Тоа ќе донесе поголем транспорт и нова вредност за целиот коридор – рече Николоски.
Тој ја поздрави и иницијативата за воспоставување директна авионска линија Охрид – Дубровник, оценувајќи дека тоа ќе ја зајакне туристичката размена меѓу двете земји.
– Очекувам во скоро време да се воспостави директна линија Охрид – Дубровник, што ќе придонесе за зголемен туризам и поголем број посетители од Хрватска во Македонија – додаде Николоски.