Пензионерите први ќе се опарат, банките од утре ги исплаќаат пензиите

Дел од банките веќе ги соопштија термините и начините за исплата на пензиите, а другиот дел чека одлуки на управните одбори за да ја спроведе препораката.

3,455

Над 322.000 пензионери ќе ја земат мартовската пензија порано од вообичаениот термин. Банките ќе ги исплатат пензиите до 28 март како што од нив побара владата поради вонредната состојба со коронавирусот.

Дел од банките веќе ги соопштија термините и начините за исплата на пензиите, а другиот дел чека одлуки на управните одбори за да ја спроведе препораката.






Од НЛБ Банка велат дека ќе ги исплати пензиите од утре.

– Во насока на поголема заштита, од 25 до 27 март пензионерите ќе можат да ја подигнат својата пензија само на банкоматите на НЛБ Банка, без потреба да посетуваат експозитура.Од 28 март пензиите ќе можат да се подигнат и преку експозитурите на Банката, но притоа треба да се земе предвид изменетото работно време на експозитурите. Заради тоа препорачуваме пред посета на некоја од експозитурите на Банката да се провери работното време на веб страницата на банката – велат од НЛБ Банка.

Од утре ќе почне исплатата на пензиите и во Стопанска банка и Охридска банка. И во двете банки први ќе ги добијат пензиите пензионерите со дебитни картички кои ќе можат да ги подигнат на банковамтите на банките, а потоа од 28 март другите пензионери ќе можат да дојдат во експозитурите. При тоа од двете банки апелираат пензионерите прво да  се информираат за работното време на експозитурите.

Комерцијална банка АД Скопје на 28 март ќе започне со предвремена исплата на пензиите за март 2020 година. Први пензијата ќе ја добијат пензионерите со активна дебитна картичка.

– Со цел да се зачува здравјето на најранливата категорија граѓани, пензионерите кои пензијата за март ќе ја подигнат на шалтерите на Банката, ќе може да ја добијат согласно висината на пензијата и тоа пензија до 12.000 денари ќе можат да ја подигнат на 28 март (сабота) и 30 март (понеделник). Оние што имаат пензија од 12.001 до 15.000 денари на 31 март (вторник) . Пензионерите кои имаат пензија од 15.001 до 19.500 денари ќе можат да ја подигнат на 1 април (среда) и пензионерите со пензија над 19.500 денари можат да ја подигнат на 2 април (четврток)- информираат од Комерцијална банка.

ТТК Банка, како што најави, ќе овозможи пензијата за месец март на пензионерите да им биде на располагање почнувајќи од 26 март 2020 година (четврток), за сите пензионери кои ја примаат својата пензија од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на нивната денарска сметка во ТТК Банка.

– Подигнувањето на пензијата преку шалтер ќе може да го реализирате секој работен ден, од понеделник до петок, од 9 до 15 часот, во сите експозитури на Банката (освен експозитурата во Дебар и шалтерот Палма Мол) – велат од Банката.

Силк Роуд Банка информира дека со исплата на пезниите ќе почне од утре.

– Почнувајќи од 25.03.2020 година пензиите ќе може да се подигнат со платежна картичка од било кој банкомат на банката.Пензионерите кои не користат картичка, односно своите пензии ги подигнуваат на шалтер на банката истите ќе може да ги подигнат почнувајќи од 28.03.2020 година, односно првиот работен ден на банката – 30.03.2020 година (понеделник) – велат од Силк Роуд Банка.

Одлуки на управните одбори, како што ни рекоа, чекаат и другите, но се очекува и тие исплатата на мартовските пензии да ја почнат порано од вообичаениот термин. И кај нив први ќе ја добијат пензијата пензионерите кои имаат дебитна картичка, а подоцна и оние кои ги земаат пензиите во експозитурите.

Поврзани содржини