24 ПОЖАРИ НИЗ МАКЕДОНИЈА, ПЕТ СÈ УШТЕ ГОРАТ Огнот зафати ги Бистра, Грачани, Јабланица, Горна Бањица и Дрен
До 18:30 часот се регистрирани 24 пожари на отворен простор, а активни се жариштата кај Бистра, Горна Бањица, Јабланица, Грачани и на потегот Дрен–Царевиќ.
Вкупно 24 пожари на отворен простор се регистрирани низ Македонија до 18:30 часот, од кои пет се активни, пет се ставени под контрола, а 14 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Најсериозна е состојбата на пет локации каде што огнот и понатаму е активен.
На планината Бистра, во месноста Кириловец во општина Маврово и Ростуше, гори пасиште и ниска вегетација.
Активен пожар има и во Горна Бањица, Гостиварско, каде што огнот зафатил ниска вегетација.
Во струшко, пожарот кај село Јабланица исто така е активен и гори ниска вегетација.
Огненото жариште кај Грачани, во општина Ѓорче Петров, во моментов е активно на територијата на Косово, каде што гори шума.
Петтиот активен пожар е на потегот Дрен – Царевиќ во прилепско, каде што гори ниска вегетација.
Противпожарните екипи успеале да стават под контрола пет пожари.
Во Копаница, општина Сарај, огнот зафатил нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Пожар има и кај село Брест, на месноста Рамно на Скопска Црна Гора, каде што гори мешана шума.
Во струшко, пожарот помеѓу селата Буринец и Локов е ставен под контрола, а зафатена е нискостеблеста шума.
Две жаришта се под контрола и во општина Градско – кај селата Ногаевци, каде што гореле ниска вегетација и борови дрвја, и кај Кочилари, каде што бил зафатен простор со ниска вегетација и борова шума.
Во текот на денот целосно се изгаснати уште 14 пожари.
Во Зелениково, огнот над селото Палиград – Преслап зафатил мешана шума, додека во Градскиот парк во Центар гореле ниска вегетација и дрвја.
Во Бутел, на улицата Боца Иванова, пожарот зафатил ниска вегетација и ѓубре.
Во Визбегово, зад хотелот „New Star“, била зафатена депонија, а пожар на депонија избувнал и во Буко во, во охридско.
Во прилепско бил изгаснат пожарот зад „Факултетот“, каде што горело ѓубре. Пожар во ѓубре бил изгаснат и кај село Ложани во Струга, како и кај Велес, кај базенот за вода над месноста Поток, каде што горел отпад од дива депонија.
Во струшко е изгаснат и пожарот помеѓу Октиси и Белица, каде што гореле сува трева и стрништа.
Изгаснати се и пожарите кај село Отља во Липково, во село Петралица во Ранковце, каде што горела нискостеблеста дабова шума, како и во Милетино, Брвеница, и Стримница, Желино, каде што биле зафатени ниска вегетација и грмушки.
Последниот пожар од денешниот список е во месноста Голем Брдаш во Маврово и Ростуше, каде што горела шума.
Состојбата со пожарите се следи континуирано, а бројот и статусот на жариштата може да се менуваат во зависност од ситуацијата на терен.