ЧЕТВОРИЦА ИТАЛИЈАНЦИ И МАКЕДОНЕЦ УАПСЕНИ ЗА НЕЗАКОНСКИ ЛОВ Полицијата им најде оружје, 207 патрони и дивеч од незаконски лов

При два одделни полициски случаи биле откриени стотици ловечки патрони, оружје и дивеч за кој било утврдено дека е незаконски уловен.

0

Пет лица се лишени од слобода во Велес откако полицијата при контрола и претрес открила ловечка муниција, оружје и поголема количина уловен дивеч за кој било утврдено дека потекнува од незаконски лов.

Првиот случај се случил вчера околу 11:20 часот на автопатот Велес–Градско. Полицајци од СВР Велес го запреле и го претресле автомобилот „aуди“ со албански регистарски ознаки, што го управувал 60-годишен италијански државјанин со привремен престој во Велес.






Во возилото биле пронајдени 207 ловечки патрони, за кои тој немал соодветна документација.

Полицијата го привела 60-годишниот Италијанец, а за случајот бил известен јавен обвинител. По целосното документирање на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава поради неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Неколку часа подоцна, околу 18:50 часот, полицијата привела уште четири лица – тројца италијански државјани на возраст од 58, 72 и 74 години и 62-годишен скопјанец.

Полицајците со судска наредба извршиле претрес во објектот во Велес каде што престојувале Италијанците. Таму бил затекнат и 62-годишниот скопјанец, кој работел како домар.

При претресот биле пронајдени и одземени ловечко оружје, ловечки патрони, поголема количина уловен дивеч, пари, документација и други предмети.

Во случајот бил вклучен и претставник на велешкото ловечко друштво „Руен“. По проверките било утврдено дека запленетиот дивеч потекнува од незаконски лов.

Поради тоа, случајот се поврзува и со кривичното дело „незаконит лов“, за кое е предвидена одговорност според Кривичниот законик.

Тројца од приведените – 60-годишниот Италијанец, 58-годишниот Италијанец и 62-годишниот скопјанец – биле задржани во полициска станица.

Полицијата продолжува со расчистување на случајот, по што против инволвираните ќе бидат преземени соодветни правни мерки.

Поврзани содржини