ЗАБРАНА ЗА ОНЛАЈН ИГРИ, СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ, ЧАТ-БОТОВИ СО ВИ И ПЛАТФОРМИ ЗА ВИДЕА ЗА ДЕЦА ПОД 15 ГОДИНИ Се подготвуваат големи ограничувања во ЕУ
Планот е дел од претстојниот „Закон на ЕУ за децата“ кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се очекува да го претстави во четврток пред Европскиот парламент.
Европската Унија подготвува предлог за ограничување на пристапот до социјалните мрежи, платформите за споделување видеа, чет-ботовите со вештачка интелигенција и онлајн игрите за деца под 15-годишна возраст. Ова е дел од најсеопфатниот европски план досега за заштита на малолетниците од опасностите во дигиталната средина.
Планот е дел од претстојниот „Закон на ЕУ за децата“ (EU Kids Act), кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и извршната потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен се очекува да го претстават во четврток.
Предлогот би опфатил не само платформи за социјални медиуми како Фејсбук, Инстаграм и ТикТок, туку и платформи за споделување видеа како Јутјуб, чет-ботови со вештачка интелигенција како ЧатЏПТТ и платформи за онлајн игри.
Европските претставници се сè позагрижени за потенцијалното влијание на дигиталните платформи врз здравјето и безбедноста на децата, вклучително и изложеноста на штетни содржини, сајбер-малтретирањето, експлоатацијата и механизмите што поттикнуваат прекумерна употреба на овие услуги.
„Пристапот на Унијата треба да им овозможи на малолетниците да го искористат огромниот потенцијал на дигиталните услуги, истовремено штитејќи ги од злоупотреба и експлоатација. Треба да го ограничиме пристапот на технолошките компании до нашите деца, а не обратно“, се наведува во документ на Европската комисија во кој увид имала агенцијата Ројтерс.
Според планот, пристапот до различни видови дигитални услуги би се воведувал постепено, врз основа на возраста на детето, додека обврските на технолошките компании би варирале во зависност од видот на платформата и возраста на корисникот.
Децата на возраст од 13 до 14 години би можеле да имаат основна сметка под родителски надзор, додека сметките за помладите деца би требало целосно да бидат контролирани од родителите.
Од компаниите што ги обезбедуваат дигиталните услуги опфатени со предлогот, исто така, ќе се бара да плаќаат надоместок за надзор.
Предлогот доаѓа во време кога сè поголем број земји-членки на ЕУ размислуваат за воведување или веќе спроведуваат сопствени ограничувања за користењето социјални мрежи од страна на децата, што создава потреба од унифицирани европски правила наместо расцепкан систем од различни национални регулативи.
Холандија и Шпанија веќе повикаа на воведување минимална старосна граница на ниво на целата ЕУ, предлагајќи правилата да се прошират и на видеоигрите, чет-ботовите со вештачка интелигенција и други дигитални услуги што можат да претставуваат ризик. Францускиот претседател Емануел Макрон е исто така силен застапник за забрана на користењето на социјалните мрежи за лица помлади од 15 години и ја повика Европската Унија што поскоро да ги усогласи правилата во сите земји-членки.
Еден од клучните предизвици за идниот систем ќе биде сигурната верификација на возраста на корисниците, бидејќи постоечките механизми често им овозможуваат на децата едноставно да внесат лажен датум на раѓање при креирањето на сметка.
Брисел работи на решенија за верификација на возраста на ниво на цела Европа, кои треба истовремено да обезбедат поефективна заштита на децата и да ја зачуваат приватноста на корисниците.