ДОГОВОР ОД АЛЈАСКА МОЖЕЛ ДА ЈА СОПРЕ ВОЈНАТА ВО УКРАИНА? Според Лавров, мирот доцни цела година
Рускиот шеф на дипломатијата го обвини Вашингтон дека отстапил од наводниот договор меѓу Трамп и Путин од средбата во Алјаска минатата година, чие постоење американски претставници го негираат.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ги обвини САД дека со повлекувањето од наводниот договор постигнат во Алјаска го одложиле мирот во Украина за една година.
– Доколку Американците не се повлекуваа од договорот од Анкориџ и ако Европа не ги „влечеше“ САД, ќе живеевме во мир една година – рече Лавров.
Москва подолго време тврди дека на средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во aвгуст 2025 година биле постигнати договори за Украина. Американски претставници, пак, негираат дека на средбата во воената база Анкориџ биле постигнати такви договори.
Лавров сега тврди дека Вашингтон под европски притисок се повлекол од договореното и дека токму тоа спречило порано завршување на војната.
Мировните напори предводени од САД во меѓувреме остануваат заглавени околу прашањето за територијата. Москва бара Киев да го отстапи и делот од Донбас што сè уште не е под руска контрола, додека Украина бара прекин на огнот по сегашната линија на фронтот и безбедносни гаранции против нов напад.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски планира следната недела во Њујорк да разговара со Трамп за можни ограничени прекини на огнот. Како конкретни теми ги посочи запирањето на меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура и нападите во Црното Море.
Средбата би можела да се одржи на маргините на Генералното собрание на ОН меѓу 21 и 23 септември, доколку се усогласат распоредите на двајцата претседатели. Лавров најави дека во Њујорк планира средба и со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Претходно овој месец, претставниците на Трамп, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, ги посетиja Москва и Киев во обид да ги придвижат мировните преговори. Најконкретен резултат од тие контакти беше усниот договор Украина, САД и Русија да ги продолжат трилатералните разговори.
Претходните рунди не донеле по голем политички пробив, но резултирале со хуманитарни договори, меѓу кои и размена на воени заробеници.
– Никогаш не сме одбиле преговори и ниту еден од разговорите досега не е прекинат по наша иницијатива. Доколку нашите колеги се подготвени, тие можат да продолжат – рече Лавров.