ЗА ДНЕВНА КАМАТА БАРАЛЕ И ПО 50 ЕВРА Разбиена лихварска шема во Струмица, кривична за три лица

СВР Струмица поднесе кривични пријави против три лица осомничени за лихварство, изнуда и тешка кражба, при што оштетени лица биле задолжувани со високи камати и закани.

0

СВР Струмица поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство Струмица против три лица од Струмица и струмичко, осомничени за кривични дела „лихварство“, „изнуда“ и „тешка кражба на дрзок начин“.

Кривични пријави се поднесени против Д.К. (48) од Струмица, Л.К. (41) од Струмица и Н.К. (25) од село Василево, поради постоење основи на сомнение за повеќе кривични дела поврзани со незаконско давање парични заеми и присилна наплата.






Според СВР Струмица, осомничените во периодот од 2022 до 2026 година, со умисла за стекнување значителна противправна имотна корист, во повеќе наврати ја искористувале тешката финансиска состојба на лица од Струмица и пошироко.

Тие, како што информира полицијата, им давале парични средства на заем, но за возврат договарале враќање со несразмерно високи камати и неповолни услови, при што барале и дневна камата од 3.000 денари или 50 евра за секој ден задоцнување.

Од СВР Струмица наведуваат дека Л.К. и Н.К. се сомничат и дека со закани ги присилувале оштетените лица да враќаат износи кои повеќекратно ги надминувале првично позајмените суми.

Дополнително, Д.К. се сомничи дека во март 2026 година, откако едно лице му ги вратило позајмените средства, од раце му одзел дополнителни пари, со што, според полицијата, сторил и кривично дело „тешка кражба на дрзок начин“.

Од полицијата информираат дека во изминатиот период биле постапувани повеќе одделни случаи пријавени од оштетени лица, при што биле обезбедени материјални докази кои ги потврдуваат нивните изјави и сомневањата за сторените кривични дела.

Поврзани содржини