Врвна лекарка од Њујорк си го одзеде животот по битката со ковид-19

1,231

Врвна лекарка од Њујорк, која беше во првата борбена линија со коронавирусот, си го одзеде животот, објави Би-Би-Си.

Д-р Лорна Брин, која работела како лекарка во ургентната служба во њујоршката болница во Менхетн „Ален“, почина од само-повреди во неделата, соопшти полицијата. Таткото на 49-годишната лекарка, д-р Филип Брин рече: Таа ја работеше својата работа и тоа ја уби.






Според таткото, Лорна немала историја на ментални болести. Таа починала во Шарлотсвил, Вирџинија, каде престојувала со семејството.

Лорна се разболела од коронавирусот за време на работата и се вратила на работа по една ипол недела, вели татко ѝ. Болницата ја пратила назад дома, по што семејството интервенирало таа да дојде во Шарлотсвил.

Таткото вели дека кога последен пат зборувал со Лорна таа раскажувала како пациентите со ковид-19 умираат во амбулантите пред да бидат префрлени во болница.

– Таа навистина беше во рововите на фронтот. Се надевам дека ќе биде славена како херој. Таа е жртва како и сите други што починаа – вели д-р Брин.

Д-р Лорна Брин била верник и блиска со семејството. Обожавала скијање и салса танц, еднаш неделно волонтирала во дом за стари лица.

„Д-р Брин е херој кој ги донесе врвните идеали на медицината на предизвикувачкиот фронт на одделот за ургентна помош“, наведе Болницата во соопштение.

И полицијата, која ја потврдила смртта на д-р Брин, ја именувала Лорна како херој во извештајот.

Полицијата соопшти дека по повикот за помош на 26 април, д-р Брин била однесена во локалната болница каде подоцна починала од повредите што си ги направила.

– Здравствените работници во првите редови и лицата кои први одговараат на предизвиците не се имуни на менталните или физичките последици од актуелната пандемија. На дневна основа овие професионалци работат под најстресни околности, а коронавирусот е дополнителен стрес – изјави шефицата на полицијата Рашал Брекни.

Њујорк изброја 17.500 починати од коронавирусот од вкупно 56.000 во САД.

Поврзани содржини