ПОЧИНА МИЛАН ПАНИЌ, ПРВИОТ ПРЕМИЕР НА БИВША СР ЈУГОСЛАВИЈА Неговото име засекогаш остана поврзано со „Династија“

Покрај неговите реални економски и политички патешествија, неговиот раскошен живот во Калифорнија со децении беше предмет на фасцинација и урбани легенди во поранешна Југославија.

50

Американскиот бизнисмен со српско потекло и првиот премиер на Сојузна Република Југославија, Милан Паниќ, почина на 24 септември 2026 година на 96-годишна возраст во Пасадена, Калифорнија. Со неговата смрт заминува една од најинтригантните и најживописните фигури на балканската политичка и светската бизнис-сцена — човек кој успеа да го изоди патот од тинејџер-партизан во окупиран Белград, преку врвен југословенски велосипедист, па сè до мултимилионер и основач на фармацевтскиот гигант ICN Pharmaceuticals во САД.

Покрај неговите реални економски и политички патешествија, неговиот раскошен живот во Калифорнија со децении беше предмет на фасцинација и урбани легенди во поранешна Југославија. Најпознатата меѓу нив беше приказната дека во неговата гламурозна вила во САД се снимала култната американска серија „Династија“, која во 1980-тите ја празнеше тогашната заедничка држава.






Како што често се случува со приказните за емигрантите кои го оствариле „американскиот сон“, вистината е малку поразлична, но подеднакво фасцинантна. Паниќ навистина поседуваше импресивен имот на престижната улица „Арден Роуд“ во Пасадена. Сепак, филмските камери за потребите на „Династија“ не работеа во неговата куќа, туку во вилата која се наоѓаше веднаш до неговата — на истата улица, само неколку броеви подалеку. И покрај тоа, за југословенската јавност, која во Паниќ гледаше симбол на незамисливо американско богатство, неговото име засекогаш остана поврзано со луксузот на семејството Карингтон.

Паниќ пристигнал во Америка во 1956 година со само дваесетина долари во џебот. Преку денот работел тешки ноќни смени, додека паралелно студирал биохемија, за во 1959 година да ја основа својата компанија која подоцна ќе прерасне во глобална корпорација.

Неговиот најголем историски предизвик уследи во јули 1992 година, кога среде крвавиот распад на СФРЈ и под тешки меѓународни санкции, го прифати предлогот на Добрица Ќосиќ да стане премиер на тогашната СР Југославија. Иако дојде како аутсајдер со лош изговор на мајчиниот јазик, Паниќ искрено веруваше дека бизнисот, парите и пазарната економија можат да ги запрат етничките судири на Балканот.

Набрзо влезе во отворен политички конфликт со Слободан Милошевиќ. На претседателските избори во декември 1992 година,  проследени со сериозни обвинувања за кражба и медиумски мрак, Паниќ освои 32 отсто од гласовите, по што поднесе оставка и се повлече во САД, останувајќи еден од најгласните критичари на тогашниот режим во Белград.

Поврзани содржини