ВРЕМЕ Е ЗА НОВА МЕТОДОЛОГИЈА ЗА ПРЕСМЕТКА НА ЦЕНАТА НА ГАСОТ Можно е таа да се врзе за берзанската цена
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Ацо Ристов смета дека земјава веќе треба да размислува и за складишта за гас.
Регулаторната комисија за енергетика размислува за промена на методологијата за пресметка на цената на природниот гас, изјави претседателот на РКЕ, Ацо Ристов.
Тој како една од можностите ја наведе пресметките да се врзат за референтна берзанска цена, по принцип сличен на оној што се применува кај нафтените деривати.
– Согласно методологијата, можеби понатаму веќе почнуваме да размислуваме и кај гасот да се врземе за берзанска цена – рече Ристов во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Во земјава повеќе компании увезуваат природен гас, а при пресметките на цената се земаат предвид нивните различни набавни цени. Новиот пристап би требало да воведе појасна референтна основа, слично како кај нафтените деривати.
Сепак, Ристов укажа дека европските берзи за природен гас се исклучително променливи и дека цената може значително да се менува во краток период. Токму затоа, според него, за Македонија не е доволна само промена на методологијата, туку се потребни и долгорочни решенија за снабдување.
Како важен чекор ги посочи интерконекторите што се градат, кои би требало да овозможат поголема диверзификација на изворите на природен гас.
– Многу е важно ова да се стабилизира и Македонија, со овие интерконектори кои сега ги прави, да најде начин да склучи долгорочни договори со некого -рече Ристов.
Тој го отвори и прашањето за складирање на природниот гас. Македонија во моментов нема сопствени складишни капацитети, а изградбата на таква инфраструктура би претставувала значителна инвестиција.
Ристов смета дека темата може да стане уште поважна во иднина доколку во земјата се развијат нови когенеративни централи кои би трошеле поголеми количества природен гас.
Засега станува збор за размислување и работа на можен нов модел, а не за веќе донесена одлука или воведена нова методологија. Пазарот на природен гас на големо во Македонија е либерализиран, додека РКЕ ги утврдува тарифите за регулираните дејности – пренос и дистрибуција.