НА СПОРТСКИОТ НОВИНАР ИГОР ФИЛЕВСКИ-ФИЛЕ МУ АМПУТИРАЛЕ ДВА ПРСТА И ДЕЛ ОД СТАПАЛОТО „Ги мрдам, ги чувствувам, а знам дека ги немам“

Новинарот, кој со години живее на Малта, откри дека поради сериозна инфекција од обичен плускавец завршил на итна операција, а лекарите морале да му ампутираат два прста и дел од стапалото. Филе, кој боледува од дијабетес, признава дека ја потценил повредата која за малку ќе имала фатални последици.

5

Игор Филевски-Филе, познатиот македонски спортски новинар, коментатор и телевизиски водител, поминал низ вистинска животна драма, откако навидум безопасен плускавец на стапалото предизвикал сериозна инфекција. Состојбата нагло се влошила, а лекарите процениле дека единствен начин да му го спасат животот е итна ампутација на два прста и дел од стапалото.

Филе за драматичното искуство се огласи на Фејсбук, каде што детално опиша како од мала рана дошло до опасна инфекција и ризик од сепса. Тој открива дека неколку дена не обрнувал доволно внимание на плускавецот убеден дека, со оглед на тоа што боледува од дијабетес, како и претходните повреди, и оваа ќе зарасне, но бавно.






– Сега ќе ви кажам нешто за кое нема да ви покажувам слики (изгледа грозно), но убаво е да го знаете како совет. Никогаш немојте да ги занемарувате дури и најмалите здравствени проблеми, колку и да ви изгледаат безопасно.

Еден плускавец, најобичен плускавец на стапалото, што не го забележав два дена, дури не пукнал сам од себе, дури не се содрала кожата и се раскрварел (пред пет месеци), вчера ме доведе на работ од смртта, без воопшто да сум свесен дека се наоѓам на работ (поради опасност од сепса).

На крајот сè заврши добро. Јас сум сега ок, но со ампутирани два прста од стапалото и малку поголем дел од коренот на стапалото, што беше зафатен со инфекцијата. Сега сум стабилен. Инфекцијата е стопирана. Опасноста од сепса е елиминирана.

Филевски раскажува дека редовно одел на преврски, но не побарал дополнителни специјалистички консултации, бидејќи верувал дека раната зараснува бавно, но нормално. Во еден момент раната почнала да навлегува длабоко во ткивото, сè до коската, а стапалото нагло отекло. За само неколку часа воспалението се проширило кон потколеницата, а прстите почнале да ја менуваат бојата.

Лекарите направиле крвни анализи, ехо, ултразвук и рендген, по што за само десет минути донеле одлука за ампутација. Филе открива дека за дваесет минути веќе бил подготвен за операција, која траела околу половина час.

– Ми пуштија музика, Моцарт ни правеше друштво низ целиот процес и сè заврши за 30 минути. Прекрасна екипа, бескрајно сум им благодарен за целата грижа, односот и посветеноста во професионалноста со која го направија целиот третман.

Тој не ја крие ниту емоционалната тежина на моментот кога му соопштиле дека ќе мора да му ампутираат делови од стапалото. Сепак, како што пишува, знаел дека тоа е неопходно за да му биде спасен животот. Во објавата предупредува дека кај луѓето со дијабетес и најмалите повреди можат да станат сериозен проблем доколку не се третираат навреме.

Во нова објава на Фејсбук, Филевски открива уште едно необично искуство по ампутацијата. Иако знае дека двата прста повеќе ги нема, повремено чувствува тапа болка токму на нивното место, па дури има и впечаток дека ги движи под преврската.

Станува збор за феномен познат како фантомска болка, односно чувство дека ампутираниот дел од телото и натаму е присутен.

– На моменти чувствувам болка, тапа болка (не е голема) токму на местото каде веќе нема ништо. Чувствувам како ме болат точно тие два прста кои ги немам.

И толку е тој момент реален што имам чувство (под преврската) дека ги мрдам токму тие два прста. И „ги мрдам“. Ги чувствувам. А знам дека ги немам.
Сношти, дури и ми дозволија да ги видам и за последен пат да ги допрам, пред да ги однесат во лабораторија на испитување.
А ова чувство можам да ви го опишам како неверојатно вистинско, реално, а всушност е целосно надреално.
Сега ми се појасни и муабетите од сите кои порано сум ги гледал низ научни документарци, луѓе во слични ситуации на оваа тема.
Има и многу објаснувања за тој феномен, но за мене е сега стварно нестварен.
Комплетно надреално – напиша Филе на Фејсбук.

Игор Филевски ѝ е познат на македонската публика по спортската емисија „Топки“, со која остави препознатлива трага во домашното телевизиско новинарство.

Македонија ја напушти пред повеќе од една деценија, а по престојот и патувањата низ различни земји, животот го продолжи на Малта.

И покрај долгогодишниот живот во странство, Филе не ја крие носталгијата по Македонија. Во мај годинава, при гостувањето во поткастот „Глам и драма“ со Искра Канзурова, зборува за животот на Малта, семејството и причините поради кои сè почесто се враќа во татковината. Особено емотивно зборуваше за ќерката Аргентина, која живее во Македонија.

Поврзани содржини