САМО 13% ОД МАКЕДОНЦИТЕ КОИ КУПУВААТ НА ИНТЕРНЕТ ПЛАЌААТ ОНЛАЈН, СЕКОЈ ВТОР ГО ОБОЖАВА КЕШОТ Што треба да се направи состојбата да се промени?

Кај онлајн купувачите на возраст од 15 до 34 години, 40,3% плаќаат исклучиво во готовина. Кај лицата од 35 до 54 години овој удел изнесува 49,4%, додека кај купувачите на возраст од 55 години и повеќе достигнува дури 81,8%.

36

Половина од онлајн купувачите во Македонија плаќаат исклучиво во готовина при достава – кај повозрасните овој удел достигнува 82%, покажува новата „Анализа на плаќањето при достава и дигиталните плаќања во е-трговијата во 2026“, подготвена од Асоцијацијата за е-трговија.

Според анализата, во Македонија, 84,3% од возрасното население поседува сметка во финансиска институција, а 75,2% има дебитна картичка. Но, кога станува збор за реалната употреба на дигиталните платежни услуги, сликата е значително поинаква. Само 27,4% од возрасните граѓани користеле мобилен телефон или интернет за плаќање сметки, наспроти 61,8% во економиите со повисок среден доход. Слична разлика се забележува и кај користењето мобилен телефон или интернет за купување производи и услуги – 28% во Македонија, наспроти 60,4% кај споредбената група економии.






– Овој јаз станува уште поочигледен кога ќе се погледнат платежните навики на граѓаните кои веќе купуваат преку интернет. Според Global Findex 2025, околу половина од онлајн купувачите во Македонија користеле дигитално плаќање (50%), слично како во Србија (49,3%), додека во економиите со повисок среден доход овој удел достигнува 90,9% – се наведува во анализата.

Микроподатоците од Global Findex 2025 на Светската банка, собрани во 2024 година, овозможуваат подетален увид во начинот на плаќање.

Анализата на 263 испитаници кои купувале физички производи преку интернет покажува дека: 50% плаќаат исклучиво во готовина при достава; 37,2% користат и готовина и онлајн плаќање; само 12,7% плаќаат исклучиво онлајн.

Тоа значи дека дури 87,3% од онлајн купувачите користат готовина при достава барем понекогаш, додека само приближно еден од осум купувачи целосно се потпира на дигитално плаќање.

Асоцијацијата прави дополнителната статистичка обработка на микроподатоците  која открива дека платежните навики значително се разликуваат меѓу генерациите.

Кај онлајн купувачите на возраст од 15 до 34 години, 40,3% плаќаат исклучиво во готовина. Кај лицата од 35 до 54 години овој удел изнесува 49,4%, додека кај купувачите на возраст од 55 години и повеќе достигнува дури 81,8%.

Со други зборови, повеќе од 8 од 10 повозрасни онлајн купувачи плаќаат исклучиво во готовина при достава.

Дополнителната статистичка анализа покажува дека возраста останува силно поврзана со изборот на готовина и кога се земаат предвид другите демографски и социоекономски карактеристики.

Разлики се забележуваат и според местото на живеење и доходот. Во руралните средини, 60% од онлајн купувачите плаќаат исклучиво во готовина, наспроти 41,4% во урбаните средини.

Кај купувачите од двата најниски доходовни квинтили, 66,5% користат исклучиво готовина, додека кај оние од двата највисоки квинтили овој удел изнесува 43,2%.

За разлика од возраста, доходот и местото на живеење, полот речиси и да не прави разлика: 50,5% од жените и 49,6% од мажите кои купуваат онлајн плаќаат исклучиво во готовина.

-Наодите укажуваат дека зголемувањето на дигиталните плаќања бара повеќе од развиена техничка инфраструктура. Потребни се активности за градење доверба, едукација на потрошувачите, подобро корисничко искуство и дополнителни стимулации за користење безготовински платежни методи. Притоа, целта не е укинување на плаќањето при достава, кое и понатаму има важна улога во домашната е-трговија, туку создавање услови дигиталното плаќање постепено да стане попривлечен и попрактичен избор – велат од Асоцијацијата.

 

Поврзани содржини