ЗАРА, H&M И ПРИМАРК НА УДАР НА ШТРАЈКОТ ВО БАНГЛАДЕШ Работниците бараат повисоки плати,150 фабрики се затворени

Џоли Талукдер, потпретседател на Синдикалниот центар за текстилни работници, изјави дека вработените со години го носат товарот на кризата, додека сопствениците на фабрики и глобалните модни брендови профитираат од нивната работа.

0

Речиси 150 фабрики во Бангладеш се затворија откако текстилните работници штрајкуваа барајќи зголемување на минималната плата поради зголемените трошоци за живот. За време на викендот, протестите предизвикаа прекини во неколку големи индустриски центри, а работниците велат дека не можат да ги покријат ниту основните животни потреби со своите тековни приходи.

Повеќето фабрики беа затворени во индустриските зони Савар, Ашулија и Газипур. Ситуацијата дополнително ескалираше во недела наутро, кога работниците се собраа на автопатот Дака-Тангаил во Газипур и го блокираа сообраќајот околу еден час, сè додека полицијата не интервенираше.






Началникот на полицијата, Мухамед Амџад Хосеин, изјави  дека некои фабрики биле затворени откако работниците ги напуштиле своите работни места. Според него, 13 фабрики биле затворени во сабота навечер, а уште 16 за време на протестите во недела наутро.

Работниците бараат минималната месечна плата да се зголеми на 30.000 така. Моменталниот минимум е 12.500 така, а вработените тврдат дека овој износ не е доволен за покривање на основните трошоци.

Од друга страна, трудовото право на Бангладеш содржи одредба „Без работа, без плата“, која им овозможува на работодавците да го суспендираат производството и да ги задржат платите од вработените во случај на прекин на работата.

Здружението на производители и извозници на облека од Бангладеш (BGMEA) и Здружението на производители и извозници на плетена облека (BKMEA) побараа итна заштита на фабриките. Претседателот на BGMEA, Махмуд Хасан Кан, го доведе во прашање продолжувањето на преговорите за плати без претходно да се обезбеди безбедноста на работодавците и производствените капацитети.

– Фабриките за облека кои не можеа да продолжат со производство поради постојани немири ќе останат затворени на неопределено време почнувајќи од утре, во согласност со трудовото право на Бангладеш – рече Кан.

Критичарите и претставниците на синдикатите предупредуваат дека товарот на одржување ниски и конкурентни цени на облеката на западниот пазар се префрла на работниците. Џоли Талукдер, потпретседател на Синдикалниот центар за текстилни работници, изјави дека вработените со години го носат товарот на кризата, додека сопствениците на фабрики и глобалните модни брендови профитираат од нивната работа.

– Тие бараат плата за живот. Како може некој совесно да се спротивстави на толку основно човечко барање?- праша Талукдер.

Текстилната индустрија е еден од најважните столбови на економијата на Бангладеш. Годишно, таа генерира речиси 40 милијарди долари приходи од извоз, што претставува околу 10% од БДП на земјата. Овој сектор вработува приближно 4 милиони луѓе кои произведуваат облека за познати глобални компании, вклучувајќи ги H&M, Primark и Zara.

Бангладеш е втор најголем извозник на готова облека во светот, веднаш зад Кина. Поради ова, постојат стравувања дека подолг прекин на производството би можел сериозно да ги загрози синџирите на снабдување на меѓународните клиенти.

На 1 ноември, владата на Бангладеш формираше посебен комитет за утврдување на минималната плата, со кој претседава висок окружен судија. На првиот состанок беше објавено дека препораките за новата структура на плати ќе бидат финализирани до крајот на ноември, а се очекува ревидираните износи да стапат на сила на 1 декември.

Поврзани содржини