ВО ПРИТВОР ЗАВРШИЈА 9 ЛИЦА, ВО КУЌЕН ПРИТВОР 5 Кривичниот суд определи мерки за 23 лица во истрагата за туѓа нега и за инвалидска пензија
На 9 лица судот им определи мерки на претпазливост, односно, обврска обвинетиот да се јавува во судот или на овластено службено лице и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова.
Девет лица завршија во ефективен притвор, а 5 во куќен притвор во истрагата за злоупотреби при одобрување на додатоци за туѓа нега и за инвалидска пензија, соопшти Кривичниот суд.
„Судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, кои во текот на вчерашниот ден постапуваа по предлогот на Јавниот обвинител за определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост против 24 лица, од кои 23 беа спроведени во судот, а едно лице сè уште не е достапно за органите на спровод, донесоа решенија за мерките: на 9 лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена, на 5 лица им определи мерка куќен притвор, а на 9 лица им определи мерки на претпазливост, односно, обврска обвинетиот да се јавува во судот или на овластено службено лице и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова. Лицата се осомничени за повеќе кривични дела, поврзано со акцијата на ОЈО ГОКК за злоупотреби со утврдување услови за добивање парична помош за туѓа нега и помош за лица со попреченост и неспособност за самостојно живеење“, соопшти Кривичниот суд.
Против овие решенија странките имаат право на жалба, се додава во соопштението.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера соопшти дека се извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Велес, Тетово и во Гостивар, а во акцијата се уапсени 23 лица. Јавниот обвинител нареди истрага против 49 лица.
Според соопштението од Обвинителството, упасените 23 лица се дел од злосторничкото здружение кое со лажни наоди обезбедувале документација за добивање туѓа нега и инвалидска пензија. Се работи за лекари специјалисти од разни болници и за социјални работници.
Останатите осомничени пак, се три матични лекари за злоупотреба на овластувањата, како и лицата кои им нуеле и им давале поткуп на осомничените лекари.