ВО МАКЕДОНИЈА ПАРАЛЕЛНО СЕ КОРИСТАТ СТАРИТЕ И НОВИТЕ СТАНДАРДИ ЗА ГРАДЕЊЕ Експертите бараат што побрзо да се премине само на европските стандарди

Според експертите тоа ќе овозможи унифицирана градба која ќе обезбеди поголема сигурност и поголема безбедност во текот на сите процеси на градба.

0

Воведувањето на еврокодовите (збир од европски стандарди за проектирање и градба) како единствени национални стандарди во градежништвото ќе значи побезбедни и посигурни градби, поголема безбедност и подобри услови за работа, оценуваат експертите од секторот.

Тие сметаат дека  овие стандарди треба да се воведат побрзо и по нив во иднина да се проектира и гради.






Сега во земјава паралелно се применуваат постари стандарди од 80-тите и 90-тите години и еврокодовите.

Според деканот на Градежниот факултет Јосиф Јосифовски примената на овие кодови ја подобрува безбедноста во сите фази на градба- од подготовка, проектирање до изградба.

–  Тоа е комплекс на стандарди во кои е преточено европското искуство во изминатите седум или осум децении. Тоа значи апсолутно побезбедни и посигурни градби за граѓаните, подобар квалитет и би се намалиле сите оние проблеми коишто ги согледуваме секојдневно. Тоа е вистинскиот пат по кој треба да се движиме –  вели Јосифовски.

Според него, стандардите од 80-90-тите години кои уште се користат напоредно со еврокодовите треба да се напуштат.

– Ние веќе 10 години се трудиме да ги воведеме еврокодовите. Моментално имаме паралелно користење на старата и новата регулатива меѓутоа сметаме дека треба да се насочиме само кон еврокодовите и по нив во иднината да проектираме и градиме- вели Јосифовски.

Воведувањето на еврокодовите, според Јосифовски, не значи и зголемување на цената на становите по автоматизам.

– Не е нужно, затоа што еврокодовите се флексибилни и дозволуваат трошоците да се дефинираат зависно од потребите. Постои мислење во пошироката јавност дека со воведувањето на еврокодовите се воведуваат поголеми стандарди што можно е да ја зголемат цената на градбата, но не е нужно, а целта секогаш треба да ни биде квалитетот и безбедноста- вели Јосифовски.

Според претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора Андреа Серафимовски, процесот носи и проблеми, но неопходно е воведувањето на овие еврокодови со цел да се фати чекор со процесите што се одвиваат во Европа.

– Знаеме дека процесот има многу тешкотии кои треба да се преминат, но тука сме да ги преземеме сите наши активности со цел инженерите побрзо да ги совладаат еврокодовите, а државата да ги воведете како национални стандарди за да фатиме чекор кон процесите шти се одвиваат во Европа- изјави денеска Серафимовски пред почетокот на Националната конференција за Еврокодови 2.0 на тема „Од стандардизација до национална имплементација“ што се одржа во Стопанската комора.

Поврзани содржини