ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ПРОМОВИРАШЕ ДВА НОВИ АЛБУМИ Од прогресивен рок и фјужн, до соработка со Лондонски симфониски оркестар
Особена чест ни е што токму со Влатко Стефановски соработуваме на значајни изданија од неговата богата кариера. Неговото музичко наследство е огромно – рекоа претставници на „Кроација рекордс“.
Двете најнови дискографски изданија на Влатко Стефановски – „Гитарата пее“ (Guitar Sings) и „Мускулна мeморија“ (Muscle Memory), беа промовирани денеска во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, во присуство на претставници на „Кроација рекордс“ од Загреб, чиј долгогодишен ексклузивец е токму Стефановски.
– Особена чест ни е што токму со Влатко Стефановски соработуваме на значајни изданија од неговата богата кариера. Неговото музичко наследство е огромно и остави длабока трага и во хрватската музика – рекоа претставници на „Кроација рекордс“.
Новиот студиски албум „Мускулна меморија“ има девет нови песни, кои стилски се движат помеѓу прогресивен рок и фјужн, со препознатливите виртуозност и емотивна изразност, што со децении го обележуваат неговото творештво. На албумот има пет вокални и четири инструментални композиции.
Познати инструменталисти се гости на албумот: Звјездан Ружиќ на мелотрон, Дамир Имери на клавијатури, Горан Папаз на саксофон, како и постојаните членови на неговото трио Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас-гитара.
Овој албум излегува веднаш по неговиот инструментален албум „Гитарата пее“, на кој Стефановски на посебен начин ги изведува најголемите хитови на Ѓорѓе Новковиќ во соработка со Лондонскиот симфониски оркестар.
Од дискографската куќа потенцираа дека следната година слават 80 години постоење, а соработката со Стефановски ја сметаат за едно од нивните највредни партнерства во регионот. Воедно беше споменато и специјалното признание кое годинава му било доделено на легендарниот музичар за неговиот придонес во музичката култура – Porin Special Merit Award.
Посебно внимание привлече најавата за нови винилни изданија и реизданија на култни албуми, збогатени со ретки и досега необјавени фотографии, интервјуа и архивски материјали. Влатко Стефановски најави дека во тек е снимањето за мјузиклот „Као Какао“.
Според учесниците на прес конференцијата, интересот за неговите изданија е огромен, а публиката со носталгија ги пречекува албумите што оставиле белег врз повеќе генерации.

