„УНГАРСКАТА ВЛАДА БЕШЕ ТРАМП ПРЕД ТРАМП“ Будимпешта одамна ги отфрла родовата пропаганда и војната во Украина
Либералниот мејнстрим не може да свари дека успешно спроведуваме конзервативна, патриотска и десничарска стратегија. Пристапот на Унгарија кон војната во Украина е конзистентен веќе 3 години, посочи унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
Унгарската влада „беше Трамп пред Доналд Трамп“ бидејќи веќе долго време ги отфрла миграциите, родовата пропаганда и војната во Украина, поради што претрпе напади во Европа, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, во Њу Делхи.
Сијарто на панелот на меѓународниот форум „Раисина Дијалог 2025“ рече дека „конзистентниот и долгорочен“ пристап на владата кон овие прашања довел до политички и финансиски напади.
„Ние сме попопуларни надвор од Европа отколку внатре во неа“, рече тој, според соопштението на унгарското МНР.
– Либералниот мејнстрим не може да свари дека успешно спроведуваме конзервативна, патриотска и десничарска стратегија. Пристапот на Унгарија кон војната во Украина е конзистентен веќе 3 години – рече Сијарто.
Тој истакна дека веднаш по почетокот на инвазијата, тој разговарал со завојуваните страни за да ја понуди Будимпешта како место за мировни преговори.
– Одржувам надеж дека тие ќе ја прифатат таа понуда и ќе одржат мировни преговори – рече тој.
Унгарија е единствената членка на НАТО која не испрати оружје во Украина, посочи Сијарто, туку ја почна „најголемата хуманитарна операција во својата историја“.
– Унгарија во меѓувреме стана главен извор на електрична енергија за Украина, а од февруари тоа е случај и за природниот гас – рече министерот.
Тој се пожали дека и покрај овие напори, владата „е под финансиски и политички напад“ поради тоа што повикува на прекин на огнот и на мировни преговори.