НАТО ЗНАЕ ШТО ЌЕ ПРАВИ АКО НАПАДНЕ РУСИЈА Адмиралот порача дека трупите и оружјето се подготвени

Воениот врв на Алијансата тврди дека има детални планови за различни сценарија, од ограничени безбедносни инциденти до директен напад. Адмирал Џузепе Каво Драгоне порача дека трупите, вооружувањето и командната структура се подготвени за реакција.

0

НАТО е подготвен да одговори доколку дојде до руска ескалација на источното крило, порача адмирал Џузепе Каво Драгоне по состанокот на највисоките воени команданти од 32-те членки во Копенхаген.

Средбата беше посветена на колективната одбрана, новите воени технологии и поддршката за Украина.






– Подготвени сме во случај на ескалација. Во случај на напад, знаеме што да правиме. Алијансата е подготвена, структурата е подготвена, трупите и вооружувањето се подготвени – рече Каво Драгоне.

НАТО продолжува да ги зголемува капацитетите и бројноста на силите, а има разработени планови за повеќе можни сценарија. По руската инвазија врз Украина Алијансата го засили присуството на источното крило и распореди мултинационални борбени групи од Балтикот до Бугарија.

Каво Драгоне ги поврза и безбедносните инциденти за кои одделни членки ја обвинуваат Москва со обиди за тестирање на единството на Алијансата.

– Сакам да бидам јасен – овие обиди не нè делат. Тие ги усовршуваат нашите капацитети и нè прават многу пообединети и порешителни – порача адмиралот.

На состанокот беше избран и неговиот наследник. Германскиот генерал Карстен Бројер треба да го преземе претседавањето со Воениот комитет во јули 2027 година.

Речиси истовремено стигна сосема поинакво предупредување од земја членка на НАТО. Словачкиот премиер Роберт Фицо тврди дека дел од западните политичари, по неуспехот на стратегијата за пораз на Москва преку Украина, сакаат да предизвикаат директен конфликт меѓу НАТО и Русија.

– Се соочуваме со смртна опасност додека гледаме како Западот долева масло на огнот со својата поддршка за Украина – рече Фицо во видеопорака.

Тој тврди дека војната во Украина не е војна ниту на Словачка ниту на НАТО и порача дека Братислава нема да испраќа војници во конфликт предизвикан врз, како што вели, измислен повод. Неговите изјави доаѓаат во момент кога повеќе европски лидери предупредуваат на засилени руски хибридни операции. Францускиот претседател Емануел Макрон ја обвини Москва дека ја интензивира таквата кампања, додека полскиот премиер Доналд Туск, повикувајќи се на разузнавачки информации, предупреди на можни напади со дронови или ракети врз земји што ја поддржуваат Украина.

Поврзани содржини