УКРАСЕТЕ ГО ВАШИОТ ВАЖЕН НАСТАН СО ГИГАНТСКИ ЦВЕЌИЊА Декорациите на Ервина ќе ве воодушеват и вас и гостите

Ервина Берту веќе десетина години живее во Скопје со нејзиниот сопруг Марио, кој е Македонец, и нејзиното ново хоби е изработка на цвеќиња од креп хартија. И тоа не какви било, туку гигантски цвеќиња од хартија.

348

Каква Холанѓанка би била таа ако не е опкружена со цвеќиња? Макар и од хартија.

Ервина Берту веќе десетина години живее во Скопје со нејзиниот сопруг Марио, кој е Македонец, и нејзиното ново хоби е изработка на цвеќиња од креп хартија. И тоа не какви било, туку гигантски цвеќиња од хартија.






Креп хартијата е мека, лесно набрана и растеглива хартија. Ја нарачува главно од Италија, но и од Бугарија и од други земји. Оваа хартија овозможува виткање и формирање на разни форми и е сосема соодветна за правење на делови од цветови. А и боите во кои ја има се безбројни и изгледаат природно.

Ервина од дете правела разни ракотворби – oд везење, плетење, изработки од дрво, реупотребувала стари предмети и им давала нов живот и нова практична употреба.

– Многу брзо прифаќам нови идеи. Од мала сум навикната да работам со рацете. Со мајка ми секој ден нешто правевме во кујната, од татко ми научив да работам со дрво. Важно е што никогаш не престанав да изработувам вакви предмети. Во Холандија имаме обичај да ги реупотребуваме предметите, а ракотворбите таму се многу развиени. Во слободно време би можела да правам само вакви изработки. Ние Холанѓаните сме навикнати на цвеќиња, таму климата е повлажна и е поладно. Но, иако овие цвеќиња се вештачки и направени од хартија, тие мене ме радуваат и ми будат љубов – вели таа.

До идејата за гигантски цвеќиња Ервина дошла преку нејзината претходна креативна фаза – правење цвеќиња од листови од книги. Барајќи повеќе информации за тоа на интернет дошла до предизвикот – да почне да прави цвеќиња од креп хартија.

– Италијанската креп хартија може да се тегне, да се формира, не секоја хартија е таква. На пример, кинескиот креп не може да се тегне – објаснува Ервина.

Цвеќињата од оваа хартија не се изработуваат според готови мустри. Се сечат парчиња и се формираат листови, цветови и други делови од растението. Се формираат лист по лист, хартијата се тегне или се витка со раце во саканата форма. Секој лист е различен, исто како и во природата. Сепак, за да се добие конечниот цвет треба и доста талент и лична креативност. По формирањето на цветот, се лепат деловите. Божурите, на пример, може да имаат повеќе од 200-300 листа. За да се направи една роза, потребен е еден ден. Стебленцата се прават од пластични дршки, кои потоа се виткаат со хартија за да станат зелени.

– Луѓето се воодушевуваат кога ќе ги видат цвеќињата. Тие во живо изгледаат многу поубаво одошто на фотографија. Во живо се гледа целата нивна убавина, повеќеслојност и уметност. Многу сум горда на овие изработки, понекогаш ми е доволно само да ги гледам и да уживам во глетката – вели Ервина.

Овие цвеќиња се ефикасни за декорирање на големи простори, конгреси, концерти, свадби, родендени, крштевки, за секакви свечени пригоди. Засега таа само ги изнајмува, не ги продава зашто долг е процесот за набавка на материјалот. Ервина веќе соработува со неколку декоративни студија кои ги изнајмуваат нејзините декоративни цвеќиња за разубавување на разни настани.

Уметноста за правење цвеќиња од хартија е доста раширена во Русија и во азиските земји. Предизвик за ваквите ракотворци е изработка на декорации од материјали што можат да се употребуваат и во надворешни услови.

Ервина може да се пофали и со други рачни изработки како што се уметност на правење дела од книги, макраме, везови и слично.

Нејзините креации може да се видат на нејзиниот профил на Инстаграм giantflowers_skopje, а ако ви се допаднат и со нив сакате да го декорирате вашиот следен важен настан, побарајте ја Ервина на 070/871-818. Одлично зборува македонски.

Поврзани содржини