„ТРЕБАШЕ ДА ОСТАНЕ И ДА ЈА КАЖЕ ВИСТИНАТА“ Османи не знае каде е Груби, но смета дека погрешил што побегнал

Во однос на ставањето на Груби на „црната листа“ на американскиот Стејт департмент, Османи рече дека одредени политички партии ја злоупотребиле довербата на Амбасадата на САД и ги искористиле информациите уште пред официјално да бидат објавени.

633

Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер во неколку влади, Бујар Османи, вели дека нема информација каде се наоѓа Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница како осомничен во случајот „Државна лотарија“.

Османи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека тој не знае дали Груби има државјанство на Албанија, но порача дека „постапките на поединци не ја дефинираат целата партија“.






– Партијата ја дефинираат принципите, ја дефинираат политиките, колективните одлуки коишто таа ги носи во тој дел. Мислам дека не може да се најде нешто спорно во однос на политиките на ДУИ, посебно во однос на антикорупциската политика – рече Османи.

На забелешката дека тоа не може лесно да се сведе на поединец, со оглед на високите државни и партиски функции на Груби, Османи одговори дека „партијата не може да сноси одговорност за 34 илјади членови и нивните постапки.“

– Секој за којшто ќе се докаже во правна постапка дека го прекршил законот, треба да сноси одговорност. Немаме дилема во однос на тоа, секој. Меѓутоа многу е важно тоа да биде во еден непристрасен, политички неинструментализиран процес. Така што, еве, ако ме прашувате зошто бегал, јас мислам дека згрешил што бегал. Требало да остане, да се соочи и да си ја каже својата вистина. Партијата не може да сноси одговорност за 34 илјади членови и нивните постапки – рече Османи.

Во однос на ставањето на Груби на „црната листа“ на американскиот Стејт департмент, Османи рече дека одредени политички партии ја злоупотребиле довербата на Амбасадата на САД и ги искористиле информациите уште пред официјално да бидат објавени.

Играњето фудбал во кабинетот на Артан Груби, додека беше прв вицепремиер, беше повеќе сцена за снимање отколку за играње, коментира Османи, на прашањето дали и тој влезе во филмот на Груби снимајќи го тоа видео.

Во интервјуто Османи вели дека објавувањето на тоа видео било грешка.

– Мене ми е жал за тоа видео кое беше буквално сцена за снимање. Ниту беше играње, ниту беше… Онака, пауза меѓу состаноци. Меѓутоа, не требаше тоа да излезе во јавност. Тоа беше грешка. Јас сега не сакам да кажам дека јас бев против тоа да се извади во јавноста. Неблагодарно е тоа да се каже. Но, тоа беше грешка во проценка – рече Османи.

Османи додаде дека е убеден оти немало стратешки грешки во однос на тоа каде ја гледаат државата и граѓаните во иднина. Според него, во тој поглед лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не направил грешка.

Османи вели дека нема забелешки на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за пристапниот процес кон ЕУ, бидејќи освоија мандат на реториката дека нема да прифатат уставни измени под бугарски диктат.

– Лично јас немам замерка на овие ставови на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тие добија мандат на таа тема. Дури беа и поостри кон прашањето отколку што тоа го прават сега. Излегоа на избори и рекоа нашиот став е овој, ако треба и да се блокира ЕУ. Граѓаните Македонци дадоа поддршка. Проблемот е со ’Вреди’, коишто, еве денеска е шест месеци од формирање на владата, прво потпишаа дека нема да влезат во влада каде што не е обезбеден прогресот во Европската Унија и второ дека ќе го преиспитаат нивното учество ако во рок од шест месеци не се обезбеди продолжување – рече Османи.

Прашан дали се согласува со тоа што ВМРО-ДПМНЕ бара уставни измени со одложено дејство, Османи коментира дека процесот е непревидлив и дека добро е постојано да се бара сигурност.

– Процесот е непредвидлив. Ние баравме гаранции. Треба Владата да продолжи да бара гаранции. Спремни сме тука да им помогнеме со предлози, со идеи, со заедничко работење, за да го обезбедиме тој пат. Мислам дека ЕУ е нешто што не треба да нѐ одвојува партиски и политички – рече поранешниот шеф на дипломатијата

На забелешката дека реториката на Османи како министер беше оти т.н. „француски предлог“ ги обезбедува сите гаранции, високиот функционер на ДУИ вели – тоа се однесува на Преговарачката рамка.

– Јас сум кажал, Преговарачката рамка не може да се менува. Не треба да се менува, бидејќи е добра преговарачка рамка. Согласно можностите коишто ги имаме за да обезбедиме некоја поволна позиција таму каде што може да се влијае во заклучоците на Советот. Таквите гаранции не се бараат само во изјави. Се бараат во заклучоци на Советот. И тука Владата има легитимно право да работи со земјите членки за да се обезбедат заклучоци во коишто колку-толку ќе се даде една предвидливост. Бидејќи не можете поинаку да го гарантирате процесот затоа што е таков, едноставно може да го злоупотребат кога сакаат на било која тема – рече Бујар Османи.

Тој повтори дека претходната власт се трудела билатерални прашања да не влезат во бенчмарковите од суштинскиот дел на Преговарачката рамка. И ги нема, вели Османи, освен Акцискиот план за малцинства.

Прашан зошто Акцискиот план за малцински прашања прво го пратил на консултации во Софија, а не во Брисел, Берлин и Париз, Османи одговори:

– Не, не е пратен никогаш официјално во Софија. Да, консултирани се повеќе земји членки, но ние никогаш не сме пратиле официјална верзија на Акциски план. Ние не можеме да се изложиме пред 27 земји членки без да знаеме кои се ставовите на секоја земја поединечно. Значи, во последниот месец мене ме прашуваа дипломатите дали да го пуштиме официјално драфтот, јас реков – не. Ќе дојде нова влада, тие си имаат мандат, они ќе одлучат дали воопшто ќе го предадат – додава Османи.

Сепак, тој не ја отфрла можноста Акцискиот план да стигнал во Софија преку дипломатите во Брисел.

 

Поврзани содржини
na