ТРАМП НАЈАВИ ВРАЌАЊЕ НА САНКЦИИТЕ ЗА РУСКАТА НАФТА Смена на режимот во Иран никогаш не му била важна
Никогаш не ми беше грижа за промена на режимот … но претпоставувам дека сега имате промена на режимот – рече Трамп на самитот Г7.
Американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на самитот на Г7 на брегот на Женевското Езеро изјави дека „никогаш не му било грижа за промена на режимот“ во Иран, иако верува дека тоа сепак се случило.
– Никогаш не ми беше грижа за промена на режимот … но претпоставувам дека сега имате промена на режимот – рече Трамп денеска по средбата со катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани.
Администрацијата на Трамп постојано тврди дека елиминацијата на голем број високи членови на иранското раководство ефикасно довела до персонална смена на самиот врв на земјата.
Трамп изнесе слични забелешки и на самитот, велејќи дека „првата“ и „втората“ група се мртви, како и делови од „третата група“.
– Луѓето со кои сега се преговара се рационални, рече тој – не се радикализирани и сакаат да ѝ помогнат на својата земја. Гледав промени на режими со години, тоа не функционираше – рече Трамп.
Тој во Женева исто така изјави дека Вашингтон наскоро би можел повторно да ги воведе санкциите за извозот на руска нафта, кои беа ублажени со цел да се помогне во стабилизирањето на глобалните енергетски пазари по нарушувањата предизвикани од војната во Иран.
– Тоа ќе можеме да го направиме многу побрзо, бидејќи нафтата сега тече – рече Трамп на самитот на Групата седум во Франција, прашан за санкциите. „Во позиција сме да го направиме тоа наскоро – додаде тој.
Трамп не прецизираше конкретна временска рамка, пренесе ДПА.
Поради затворањето на Ормускиот Теснец од страна на Иран, како одговор на американско-израелските напади, САД ублажија дел од санкциите за руската нафта и го продолжија тоа изземање неколку пати. Привременото изземање се однесуваше само на руската нафта која веќе се наоѓаше на танкери на отворено море во моментот кога беше одобрено олеснувањето, со што се овозможи тие резерви да бидат продадени и да се ублажи кризата на светските берзи на нафта.